ВМРО ДПМНЕ: СДСМ се нервозни. Поголем дел од граѓаните се против последиците од договорот

Овој референдум не е антиевропски, туку напротив е целосно европски, бидејќи се спротивставува на асимилаторските и негаторските постапки насочени против македонскиот идентитет, историја и јазик. Негирањето на историјата културата идентитетот и јазикот на еден народ е целосно спротивно на европските принципи и вредности, се вели во денешната писмена реакција од ВМРО-ДПМНЕ во врска со одговорот од СДСМ на најавата од опозицијата за почеток на постапката за референдум за Договорот со Бугарија

„Официјалната реакција на СДС треба да се проучува во теоријата како пример за ‘отсутна реакција’. Како соопштението да им беше однапред напишано и со теза за напад дека ја оспоруваме преговарачката рамка, а не договорот со Бугарија кои тие го потпишаа во 2017-та година…До толку повеќе што референдумското прашање се однесува на еден билатерален договор меѓу две земји со кој се регулираат билатерални односи. Како може да се рече дека сме против ЕУ, кога сме против овој билатерален договор, што за жал другата страна го користи да се изгради кула со која се негира македонскиот идентитет и историја?“ прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од ВМРО-ДПМНЕ повторуваат дека коренот на проблемите е тој кој што треба да се решава, затоа што во него се наоѓа причината за уцените, пречките и диктатите кои го загрозуваат интегритетот на Македонија, засебноста на македонскиот културен и јазичен идентитет. Раскинувањето на овој договор, велат, ќе значи раскинување на барањата за промена на учебници, спорење на јазикот историјата, културата.

„Стравот на врхушката на СДС е јасен. Тие се одговорни за ваквиот штетен договор и во исто време се свесни дека и нивните поддржувачи како и огромен дел од народот е остро против последиците кои договор ги носи. Тоа ги плаши и затоа се нервозни“, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Иницијативата за референдум е лична одлука на Христијан Мицкоски за спас на сопствената фотелја во ВМРО-ДПМНЕ, реагираа вчера од СДСМ.

Од владејачката партија укажуваат дека референдум против ЕУ, против македонски јазик во Унијата, нема поддршка од граѓаните, нема да успее и дека ова е погрешен начин на Мицкоски за спас на својата фотелја.

Back to top button
Close