ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ за да владее државата и ја подари на ДУИ

Oпозициската ВМРО-ДПМНЕ и владејачката СДСМ утрово преку писмени соопштенија си разменија пораки и обвинувања, а во пресрет на собраниската седница на која треба да биде избрана техничката влада чиј мандатар е Талат Џафери од Демократската унија за интеграција (ДУИ).

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека СДСМ за да владее на подарок и ја дал државата на ДУИ и дека во „намерата да си ги сочуваат фотелјите плаќаат скапа цена кај нивните газди во ДУИ“.

„Цената ја гледаме и денес изразена во Талат Џафери премиер. Од друга страна нивните надежи се дека ДУИ на СДС ќе и ги собира партиите на Албанците во коалиција, и од Косово ќе се диктира овој процес за СДС да го ублажи својот дебакл. Тоа така не оди. Јасно е што правите. Едноставно е, СДС за да владее на поклон ја даде државата на ДУИ, Талат Џафери од ДУИ стана премиер поради слабата СДС“се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

За мандатарот Талат Џафери, од опозициската партија го повторуваат ставот дека станува збор за човек кој е препознатлив по кршење на Уставот, законите и Деловникот за работа на Собранието.

„Талат Џафери е човекот од кој не може да се очекува нешто поинаку од тоа што го правеше до сега, бидејќи во континуитет газеше по правните норми на државата. Талат Џафери е човек кој доаѓа од партија во која на сите челници устите им се полни со европски вредности, но чии постапки покажуваат само како се кршат истите.Оттука од Талат Џафери единствено може да се очекува и да се мисли дека само може полошо. Поради ваквите лоши практики и политики на кои сите сведочеа седум години, може да се каже дека подобро и поинаку може да биде само по 8 мај, односно по изборите. На 8 мај граѓаните ќе стават крај на лошите политики кои ги гледаме од СДС и ДУИ“порачуваат од најголемата опозициска партија, која, како што налага законот, предложи свои кандидати во техничката влада која ќе се избира денеска.

Од СДСМ, пак, велат дека европскиот фронт предводен од оваа партија, за 100 дена, на 8 мај ќе го порази целиот хорор на ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер Христијан Мицкоски.

„Најавите на Мицкоски дека работата на техничката влада ќе биде хорор, каде што ќе се кубеле за коси говори за него. Тоа е пристапот на којшто функционира ДПМНЕ и покажува дека ништо не е сменето во оваа партија. Хоророт на Мицкоски и ДПМНЕ ќе биде поразен на 8-ми мај. Европскиот фронт предводен од СДСМ, за 100 дена ќе прогласи победа и повторно ќе ја формира европската Влада со која што Македонија ќе стане земја членка на ЕУ“ велат од владејачката партија.

Во друг допис од медиумите оттаму се осврнуваат на кадрите кои ВМРО-ДПМНЕ ги предложи за министри и дополнителни заменик-министри во техничката влада, за кои од владејачката партија сметаат дека се слаби и нестручни.

„ДПМНЕ нема никаква програмска понуда, а потврди дека нема ниту кадровски потенцијал. Заедничко за сите нив е што зад себе немаат никаков резултат“,се вели во соопштението на СДСМ.

Почетокот на седницата за избор на преодната влада е закажанa во 11 часот.

Back to top button
Close