ВМРО-ДПМНЕ се однесува како слон во стаклена соба

Соња Крамарска

 

Наместо смиреност и увереност во победа, гледаме хистерична власт која како ламја фрла оган на сите страни, и со однесувањето втерува страв кај граѓаните дека ако не биде избран Орце за шеф на Скопје ќе следува потоп.

Грубите зборови во јавната сфера обично се карактеристични за послабите и инфериорните кои не можат да излезат на крај со поспособните и посилните од нив. Но ова правило како да не важи за изборната кампања што се одвива овие денови. ВМРО-ДПМНЕ која има пратеничка бројка за суверено владеење, а наспроти себе конкурент кој сѐ уште се бори да излезе од кризата по поразот во 2024, со сета жестина се нафрли на кандидатите и партиите кои не се дел од нивниот табор. „Венко Филипче алатка во планот на Заев“, „црвената банда да се демонтира до последен“, „Заев синоним на национални предавства“, „измамници на народот“, „Филипче потонат во дилови и ветувања“ – ги параат ушите на граѓаните. Човек би помислил дека СДСМ му дише во врат на ВМРО-ДПМНЕ и ќе им ја преотме власта на овие локални избори.

Се разбира и СДСМ не заостанува. Кога некој го напаѓа другиот мора да се брани или да возвраќа со иста мерка. Но не е тоа поентата, туку дека за културата на дијалогот и размена на политички пораки, власта е таа која треба да го постави тонот и нивото на дискусијата. Затоа што власта не се само функциите туку и предност во стекнување на сознанија и информации за тековни процеси, предност во увид и користење на државните ресурси па на некој начин и предност во медиумите бидејќи носителите на власта се автоматски и иматели на сите важни информации во државата. Од тоа кои пиперки се затруени со пестициди до тоа какво е расположението во Брисел кон Македонија.

Таквиот капитал од информации и алатки за управување со државата по дефиниција треба да им создава чувство на големина на политичарите од власта, а чувството на големина вообичаено оди со поголема толеранција во дијалогот со опозицијата и поголема флексибилност за восприемање на ставови и размислувања.

 

Да не ги чекаме изборите

Но во случајов со сегашната кампања за локални избори не е така. Наместо мирни тонови и увереност во сопствената предност, гледаме една хистерична власт која како ламја фрла оган на сите страни, дели лекции, задава удари под појас и со своето севкупно однесување втерува страв на граѓаните дека ако не биде избран Орце за шеф на Скопје ќе следи потоп и национална катастрофа од несогледливи размери. Секојдневно сме сведоци на агресивна пропаганда и лично деградирање на конкурентите. Сето тоа го наметнува прашањето вредна ли е една политичка функција, за скопјани да бидат малтретирани со недели со несобран отпад, закани со штрајкови на превозниците во јавниот транспорт и други изборни финти кои ги трошат последните атоми енергија и надеж на жителите на Скопје? Ако не, да го устоличиме фаворитот и без избори. Да не ги чекаме изборите, да го крунисаме новиот градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ и да престане оваа агонија.

Видливо е отсуството на самодоверба на ВМРО-ДПМНЕ на овие избори иако сите знаци се дека ќе победат и во оваа натпреварувачка рунда. Тие се во подемот на владеење, и дури и опозицијата да е многу силна, а не е, ништо нема да им може затоа што партијата сѐ уште го троши огромниот кредит што и го дадоа граѓаните на парламентарните и на претседателските избори во 2024 година. Но, премиерот Мицкоски одејќи од митинг на митинг зборува за „тивка коалиција“ на СДСМ, ДУИ и Левица, која никаде не е декларирана но е добра манипулација за оние граѓани кои уште потпаѓаат на пропагандата.

 

Големината не е во изборниот резултат

Можеби еден ден кога изборните труби ќе стивнат ќе стане појасно од каде е толкавиот немир, нервоза и неспокојство и кај претседателот на Владата и лидер на ВМРО-ДПМНЕ. Како клучна фигура во државата тој заборава на тоа дека има улога на смирувач на тензии а не на подбуцнувач. Мицкоски, Левица ја нарекува „партија на измамници“, Али Ахмети го почести со метафората „стопан на Левица“, судиите и обвинителите ги нарече „кодоши во Брисел“, за ДУИ и СДСМ дека се „последниот бастион на криминалот и корупцијата“, а резолуцијата на СДСМ „нов бонбона бизнис“.

Но не може со таков политички речник да градите авторитет дома и во странство. Ниту пак да очекувате дијалог со партии кои се од другата страна на барикадата. А еден премиер сигурен во својата функција и во својот успех, треба да подава рака и да гради мостови наместо да демонстрира лична слабост и да дели лекции на противничките партии.

Иако во Македонија никогаш не е така, за политичката атмосфера во една држава најголема одговорност носи владата и партијата на власт. Секој може да употребува валкана реторика но тој што ја има најголемата моќ треба да настојува да ја спречува ескалацијата. Конечно големината на една политичка партија и на еден лидер не се мери само според изборниот резултат туку и според однесувањето на политичката сцена. ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски на овие избори се однесуваат како слон во стаклена соба. Комплетно го контаминираа политичкиот простор. Или подобро кажано, се однесуваат како да се опозиција пред својата последна шанса за политички опстанок. Ако граѓаните во 2024 гласаа масовно за ВМРО-ДПМНЕ за да добијат стабилност во владеењето и сигурни чекори кон иднината, тоа не се оствари.(dw)

Back to top button
Close