ВМРО-ДПМНЕ: Се расплеткува наркомрежа блиска до Заев и Филипче
„За да се складираат 30 тони дрога треба да помине процес од околу 4-5 години, што значи дека фирмата на Котев работела незаконски од времето на Филипче и Заев“, рече Петрушевски

Фирмата „ЦБД Медплант“ во вистинска сопственост на Тони Котев, поранешен функционер на СДСМ и близок човек на Заев и Филипче, уште од почетокот работела со пропусти , рече пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, на денешната прес-конференција.
Според него, информациите на партијата покажуваат различна ситуација од тврдењата на Венко Филипче дека во негово време сè било во ред
„За да се складираат 30 тони дрога треба да помине процес од околу 4-5 години, што значи дека фирмата на Котев работела незаконски од времето на Филипче и Заев“,истакна Петрушевски.
Од партијата потсетија дека фирмата ја добила лиценцата во 2020 година, во период кога тогашното раководство „ја промовираше Македонија како дестинација за користење марихуана и ја промовираа продажбата на цвет од канабис“.
Затоа, рече Петрушевски, по нивна насока во 2023 година е сменет подзаконски акт во правилникот за одгледување на марихуана.
Петрушевски праша дали паниката кај Заев и Филипче се должи на нивен директен сопственички удел во овој бизнис.
„Затоа ли повиците на Заев кон поединци во царина и патувањето на Филипче кон Грција се случуваат во тој период? Дали случајно има и плус висок поранешен функционер вмешан во наркобизнисот на Заев и Филипче?“,праша Петрушевски.
Тој побара Јавното обвинителство да го истражи случајот до крај.
„Клопчето се одмотува, крајот се гледа“,додаде тој.
Обвинувањата меѓу власта и опозицијата во врска со акцијата во која се запленети големи количества марихуана од фирми во земјава траат изминатиот период и се однесуваат на одделни аспекти на случајот, како и за тоа кај кого лежи одговорноста за случајот, кој засега најверојатно сè уште е во фаза на предистрага





