ВМРО-ДПМНЕ: Сигурни сме дека заеднички интерес на Агелер и на македонските граѓани е договорот со „Бехтел и Енка“ да биде објавен
Го цениме ставот на амбасадорката Анџела Агелер и начинот на кој се бранат американските интереси и тоа е добар пример како треба да се однесува корумпираната и криминална влада на ДУИ и СДСМ кога станува збор за македонските интереси. Во услови кога владата на ДУИ и СДСМ не само што не ги брани, туку и ги распродава за да ги задоволи личните криминални апетити, ВМРО-ДПМНЕ како најголема политичка партија во Македонија и која се темели на атрибутот на македонско национално единство има обврска да ги брани и чува македонските национални интереси, реагираат од најголемата опозициска партија по интервјуто на американската амбасадорка во земјава за МИА во кое таа оценува дека ВМРО-ДПМНЕ го критикува проектот со „Бехтел и Енка“ само за да собере политички поени.
„Национален интерес на македонските граѓани е да знаат каде се трошат нивните пари. Национален интерес на македонските граѓани е да се почитуваат одлуките на Уставниот суд и да се штитат правата на македонските работници во делот на работните часови и траењето на работната недела. Национален интерес на македонските граѓани е да не се плаќа пет пати повеќе за изградба на километар автопат во споредба со оној кој Македонија претходно го градеше заедно со ЕУ на делницата Демир Капија-Смоквица. Исто така, национален интерес на македонските граѓани е коридорите 8 и 10Д да ги градат македонски компании и профитот да остане во Македонија. Национален интерес на македонските граѓани е да не се платќаат повеќе од 300 милиони евра за пенали и аванси на уште нефрлена лопата за проектот. Национален интерес на македонските граѓани е да не плаќа за грешките на изведувачот во проектите. Национален интерес на македонските граѓани е да има квалитетен надзор и супервизија, а не тоа да го прави компанија за производство на долна облека – изјави портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ Марија Митева.
Митева додаде дека се сигурни оти заеднички интерес и на амбасадорката и на македонските граѓани, во насока на транспарентноста и владеењето на правото, е Договорот за коридорите да биде објавен.
Амбасадорката Агелер денеска во интервју за државната агенција МИА нагласи дека процесот во кој е инволвиран „Бехтел“ за изградба на коридорите 8 и 10-д е целосно транспарентен и законски бидејќи тоа е начинот на кој функционира оваа компанија,
Таа изрази разочарување поради тоа што опозицијата без да располага со сите факти и информации го критикува проектот, нагласувајќи оти тоа го прави од политички причини, за добивање политички поени.