ВМРО-ДПМНЕ: Со криењето на договорот со „Бехтел и Енка“ Ковачевски и Груби признаваат дека направиле штета на граѓаните и државата
„Да немаше ништо контроверзно и криминално во договорот Груби и Ковачевски досега ќе го објавеа. Тие според договорот, кој не сакаат да го објават, презеле обврски кон компанијата да изменуваат закони, меѓу кои и законот за работни односи…Секоја приватна компанија сака да го максимализира профитот, а секоја Влада треба да го штити интересот на народот и државните финансии. За жал тоа не е случај со оваа власт на Ковачевски и Груби. Тие одат против Уставот, против Уставниот суд, против законите, против граѓаните, против се, само на сила да го направат тоа што го намислиле на грбот и преку џебот на народот. За ова мора и ќе одговараат“, велат од опозициската партија
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска преку писмено соопштени повторно побара од Владата, односно од премиерот Димитар Ковачевски и првиот вицепремиер Артан Груби да го објават во јавноста договорот со „Бехтел и Енка“ за изградба на дел од коридорите 8 и 10-д.
Од партијата велат дека не може да има тајни клаузули кога се работи за милионски суми кои треба да бидат платени со народни пари, а криењето на договорот, според ВМРО-ДПМНЕ, значи дека Груби и и Ковачевски имаат направено штета на граѓаните и на државата. Наместо да се грижат за интересите граѓаните, Ковачевски и Груби ги прифатиле сите позиции на приватна компанија и на тој начин го штителе нејзиниот интерес.
„Да немаше ништо контроверзно и криминално во договорот Груби и Ковачевски досега ќе го објавеа. Тие според договорот, кој не сакаат да го објават, презеле обврски кон компанијата да изменуваат закони, меѓу кои и законот за работни односи. Крими тандемот Груби-Ковачевски се обврзал да го промени овој закон, а во спротивно ако не го направи треба да бидат исплатени 53 милиони евра еднократно и дополнителни 2,1 милион евра секој месец додека трае изградбата, која патем би била пролонгирана“,
се наведува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму велат дека вкупната штета која Владата прифатила да ја исплати со народни пари според одредбите од договорот изнесува околу 200 милиони евра.
„Секоја приватна компанија сака да го максимализира профитот, а секоја Влада треба да го штити интересот на народот и државните финансии. За жал тоа не е случај со оваа власт на Ковачевски и Груби. Тие одат против Уставот, против Уставниот суд, против законите, против граѓаните, против се, само на сила да го направат тоа што го намислиле на грбот и преку џебот на народот. За ова мора и ќе одговараат“,
порачуваат од опозициската партија.
Инаку, контроверзите со договорот меѓу Владата и американско-турскиот конзорциум, како и предлог-измените на осум Закони поврзани со изградбата на дел до коридорите 8 и 10-д, кои се во собраниска процедура, продолжуваат да ја брануваат јавноста.
Меѓутоа, договорот, како што беше презентирано од владините претставници, на брифингот со новинарите, е класифицира, односно има ознака „доверливо“ и нема да биде презентиран во јавноста.
Владата го класифицира историскиот договор за автопатите со „Бехтел и Енка“, нема да ѝ биде даден на јавноста
Програмскиот директор во Македонското здружени на млади правници Гоце Коцевски во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат, која се емитуваше во петокот на 14 април, а во која се дебатираше за оваа одлука на власат, изјави дека со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер од 2019 година е востоставен „тест на штетност“. Ако во случајов се примени овој тест, рече Коцевски, би натежнал јавниот интерес дека договорот треба да биде јавно објавен.
„Тест на штетност“ би ѝ покажал на Владата дека договорот со „Бехтел и Енка“ треба јавно да се објави, вели правникот Коцевски
„Ако се работи за информација која е класифицирана, која е личен податок, која е предмет на кривична или каква било друга постапка што по правило не се смета за информација од јавен карактер, имателот е должен да направи ‘тест на штетност’. Треба да стави на кантар што ќе изгуби државата ако ја објави информацијата, меѓутоа и што ќе добие јавниот интерес ако таа информација се добие. Во самиот закон многу јасно е дефинирано што се смета за јавен интерес. Јавен интерес е доколку откривањето информација овозможува да се разбере прашањето за кое се креира јавна политика или се води парламентарна дебата. Поочигледна основа за јавен интерес од ова навистина нема. Дополнително, ќе се открие противправно стекнување или трошење буџетски средства, потенцијален судир на интереси, загрозување на животната средина. Така што, јавниот интерес натежнува“рече Коцевски, цитирајќи го законот.
Меѓу измените кои се предлагаат во Собранието, а се повразни со договорот е оној за работни односи со кои се предвидува 60-часовна работна недела за работниците кои ќе бидат ангажирани на изградбата на автопатите од дел од двата коридори.
Ова беше предвидено и со специјалниот закон кој беше донесен за изградбата на коридорите 8 и 10-д , но таа одредба падна на Уставен суд.
Кога се потпишуваше договорот со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“, беше презентирана проценка дека изградбата ќе чини 1,3 милијарди евра и оти ќе се заврши за 57 месеци односно во 2027 година. Меѓутоа, ова се пресметки во услови кога изведувачот би имал можност да работи 60 часа неделно, што изминатиот период беше потврдено и од владини претставници. Доколку на изградбата се работи според актуелното законско решение односно со 40-часовна недела изградбата ќе трае подолго и ќе чини поскапо. За се овозможи работниците што ќе се ангажираат за автопатските делници од коридорите 8 и 10-д да работат по 60 часа неделно, власта сега предложи законски измени на Законот за работни односи кои се собраниска процедура. Овие измени се предлага да се однесуваат на проекти од стратешки и национален интерес, како што се прогласени двата коридори.
Според премиерот, во договорот со „Бехтел и Енка“ се предвидени и поскапата и поевтината варијанта за коридорите 8 и 10-д
Според Коцевски, со тоа што предлог-измените во осум закони по скратена постапка дојдоа од група пратеници, а не од Владата, гледам интенција да се заобиколи процесот на „проценка на влијание на регулатива“, кој би дал одговор на голем дел од прашањата што сега се отвораат.
Коцевски објаснува дека обврска за „проценка на влијание на регулатива“ постои само кога предлог-законите ги иницира Владата, така што, тој смета дека во случајот со пакетот од осум закони поврзани со договорот со „Бехтел и Енка“ станува збор за „свесно заобиколување на тој процес“.
Покрај на Законот за работни односи, во собраниска процедура се и за законите за заштита на културното наследство, за земјоделско земјиште; за експропријација; за урбанистичко планирање; за минерални суровини; за работни односи; за шумите; за градење, како и на законот за утврдување јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 и Коридорот 10-д.
Дел од пакетот измени беше и Законот за заштита на културното наследство, но по бурните реакции од јавноста и стручната фела измените на овој Закон беа повлечени.
Владата направила договор со „Бехтел и Енка“ врз основа и на непостоечки законски одредби