ВМРО-ДПМНЕ вели дека нема право на завршни зборови во „Талир 2“, одземањето на Белата палата го смета за незаконско
Претставниците на опозициската партијата ВМРО-ДПМНЕ, адвокатите Дончо Наков и Ружица Николовска, на денешното рочиште за случајот „Талир 2“ кој се однесува на изградбата на централното партиско седиште, не дадоа завршни зборови бидејќи како што рекоа, партијата не е странка во постапката. Меѓутоа, порачаа дека одземањето на имотот меѓу кој и зградата на седиштето позната како Белата палата, би било незаконски.

„Претставникот на ВМРО-ДПМНЕ и самата партија не беа странки во оваа фаза. Она што како претставник го имам и на кое ми е укажано од раководство е да во текот на оваа постапка барам да се спроведе законот и само законот и ВМРО-ДПМНЕ да ги добие сите права кои ги има согласно Законот за кривична постапка со цел да се утврди фактичката состојба онака како што е вистинатa – рече адвокатот Дончо Наков.
Тој вели со оглед на тоа што не е странка во постапката односно тужител или обвинета како правно лице, претставник на ВМРО-ДПМНЕ требало да биде испитан пред фазата на заврши зборови.
„Правото на испитување не ми е дадено, а право на завршен збор немам согласно закон. Тоа е ставот на ВМРО-ДПМНЕ, со незаконито спроведување на оваа постапка, поготово со делот на замрзнување и евентуално одземање односно конфискација се прави еден обид, се надевам дека судот нема да го дозволи тоа, да на незаконит начин и со недавање на правата согласно закон преку обвинетите се одземе имотот на ВМРО-ДПМНЕ. Тврдам дека овие права, кои ни ги дал законот, не ни се дадени. Согласно на тоа, ние не можеме ниту да дадеме завршен збор, туку напротив само како претставник на правното лице во фазата во која вие ме повикавте се произнесов за недоследностите на постапката – рече Наков.
Ружица Николовска како полномошник на партијата исто така потенцираше дека ВМРО-ДПМНЕ во случајот се јавува како заинтересирана страна, а не како странка во постапката. И таа како и нејзиниот колега Наков се повика на членот 395 од Законот за кривична постапка потенцирајќи дека право на завршен збор имаат странките (овластен тужител, оштетен, бранител и обвинет), но оти ВМРО-ДПМНЕ не е ниту едно од тие.
И таа го спомена барањето на обвинителството за одземање на имотот посочувајќи дека во таков случај требало да биде испитан претставник на ВМРО-ДПМНЕ уште пред да се почне со завршните зборови.

„Ќе се повикан на членот 531 од ЗКП со оглед дека во овој судски процес слушнавме од обвинителот, кој исто така сметам дека е неовластен тужител, дека се бара конфискација на имот и имотна корист и тоа ни помалку ни повеќе да се конфискува имотот на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ. За таа цел судот беше должен согласно членот 531 да го повика претставникот на правното лице и да го испита кое нешто требаше да се случи претходно на главната расправа, по испитувањето на обвинетиот – рече адвокатката додавајќи оти се надева дека судот ќе донесе правилна и законита одлука без да се наштети на која било страна.
Во случајот „Талир 2“ обвинети се поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, и бившиот генерален секретар на партијата, Кирил Божиновски. Обвинителот Љубомир Лапе во завршните зборови на минатото рочиште побара одземање на имотот и осудителна пресуда за двајцата обвинети, по што следува денешното рочиште на кое своите завршни зборови ги даваат обвинетите.