ВМРО-ДПМНЕ: Владата да каже зошто и кој ден ќе исплати 53 милиони евра на „Бехтел и Енка
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ ги прозва премиерот и првиот вицепремиер, Димитар Ковачевски и Артан Груби, велејќи дека тие мора да сносат одговорност бидејќи, според опозицијата, ова е класична злоупотреба на функцијата и наштетување на буџетот
Владата да објасни зошто се обврзала да исплати 53 милиони евра за овој месец на „Бехтел и Енка“, како и вкупно 196 милиони евра за пенали само врз основа на промена на законот и воведување 60 часа работна недела, прозваа денеска од ВМРО-ДПМНЕ.
Денешната прес-конференција следува откако викендов истече рокот од 45 дена кој, според документи кои ги објави опозицијата од потпишаниот договор во „Бехтел и Енка“ за коридорите 8 и 10-д, е предвиден за да се овозможи работната недела да не се ограничува на 40 часа или во спротивно да се платат пенали.
„Владата денеска мора да објави кога и кој ден ќе ги исплати 53 милиони евра дополнителни пенали или трошоци, затоа што не го исполни условот, промена на законот за 60 часа работна недела? Владата да го објасни напишаното на страницата 427 од договорот потпишан на 8 март“вели портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
Тој повика Владата да ја покаже оваа страница од договорот и да одговори дали она што излезе јавно е точно односно дали ако не се исполни условот за зголемување на работната недела рокот за завршување на проектот и секоја фаза поединечно ќе биде продолжен за најмалку 6 месеци.
Покрај споменатите 53 милиони евра, од ВМРО-ДПМНЕ во неколку точки го наведуваат она што го има на страницата од договорот што излезе во јавноста и прашуваат дали тоа значи дека треба:
Да се плаќаат дополнителни 1 милион 265 илјади секој месец до крај на проектот, како индиректни трошоци, кои инаку се договорени на под 3 милиони; и
Дополнителни 900.000 евра секој месец додека не се исполни условот, односно не се смени законот за 60 часа работна недела.
Стоилковски ги прозва премиерот и првиот вицепремиер, Димитар Ковачевски и Артан Груби, велејќи дека тие мора да сносат одговорност бидејќи, според опозицијата, ова е класична злоупотреба на функцијата и наштетување на буџетот.
Измената на Законот за работни односи со кои се предвидува работната недела да трае подолго од 40 часа за ангажираните на проекти од национална и стратешка важност, како што е прогласена изградбата на коридорите 8 и 10-д, како и измените на уште седум закони се во собраниска процедура.
Договорот за автопатиштата од овие два коридора е класифициран поради што не е објавен јавно, но наводни делови од него веќе објави опозицијата.
Во меѓувреме, викендов од Министерството за транспорт и врски соопшти дека започнала реализацијата на Договорот за изградба на коридорите 8 и 10-д односно дека од саботата започнале подготвителни работи, снимање на теренот, подготовка на урбанистички и основни проекти со цел да се отпочнат и постапките за експропријација и проектирање. Паралелно со ова, според соопштението од Министерството во саботата, започнала и мобилизација на персонал за работа, подготовка на локации за поставување на кампови за градежната оператива, анализа на трасата и можни дислокации на подземни и надземни инсталации и подготовка на постапки за вршење на геотехнички истраги.
Со подготвителни работи, денеска започнува реализација на договорот со „Бехтел и Енка“, велат од Министерството за транспорт и врски