ВМРО-ДПМНЕ за часовниците на Мицкоски: Премиерот пред да влезе во политиката работеше во енергетиката и има добро заработено

„Не е никаква тајна дека претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, пред да влезе во политиката работел во бизнис-секторот, особено во областа на енергетиката, за што и самиот јавно говорел. Во тој период соработувал со познати светски компании и остварил значителни приходи.

СДСМ очигледно мисли дека има силна тема, па се фати за вредноста на часовниците на премиерот Мицкоски“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ на соопштението на СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ информираат дека Мицкоски, пред да влезе во политиката, целосно се повлекол од каков било вид бизнис и престанал со работење за приватни компании.

„Најважно од сè е тоа што сè е чесно, транспарентно и детално објаснето во однос на неговите примања. Од друга страна, ги имаме Венко Филипче и Зоран Заев – едниот хирург, другиот земјоделец од Муртино – кои пред влезот во политиката биле никој и ништо, а по нивното владеење или за време на нивното активно политичко делување се стекнале со куќи во Нерези, станови и згради во Дубаи, акции во индиски авиокомпании, фирми во земјата и странство со сомнителен капитал, како и подароци од компании што добивале тендери, во форма на автомобили, проценти и договори“, стои во партиското соопштение.

Во реакцијата се наведува дека токму ова е разликата меѓу премиерот Мицкоски и раководството на СДСМ.

„Додека овие од СДСМ од голтари станаа милионери со помош на власта, претседателот Мицкоски своите приходи ги има остварено чесно, а тоа е лесно проверливо“, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Претходно, СДСМ соопшти дека, според анкетниот лист за имотна состојба, Мицкоски поседува колекција часовници вредна околу 60.000 евра.

„Во Македонија минималната плата изнесува 396 евра, што значи дека часовниците на Мицкоски вредат колку 150 минимални плати“, наведуваат од СДСМ.

Во меѓувреме, компанијата „IFL Watches“ објави анализа за тоа какви часовници носат премиерите и лидерите на дел од државите-членки на НАТО. Анализирани биле 20 претседатели или премиери, колку што било можно да се идентификуваат преку јавни настапи.

Според објавата, премиерот Христијан Мицкоски носи часовник „IWC Portofino“, чија цена изнесува околу 6.900 долари. Албанскиот премиер Еди Рама е забележан со „Montblanc Star Chrono“, вреден околу 4.700 долари, додека хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ носи часовник „Hamilton“, чија цена се движи околу 2.000 долари.

Back to top button
Close