ВМРО-ДПМНЕ за реакциите на Русковска и Кацарска: Сите совпаѓања се случајни, освен оние кои не се
Не очекувавме на Вилма Рускоска и Добрила Кацарска да им се допаднат спотовите на ВМРО-ДПМНЕ кои ја отсликуваат вистината, исто како што на Македонија не ѝ се допаѓа тоа што во државата се амнестира криминалот, велат од опозициската партија.
Нивната реакција доаѓа откако обвинителката Вилма Русковска и судијката Добрила Кацарска реагираа на спотовите во кампањата на ВМРО-ДПМНЕ каде се споменуваат нивните имиња.
-Очигледно Вилма Рускоска и Добрила Кацарска освен тоа што не реагираат за криминалот во државата, се чини дека стануваат и адвокати на Зоран Заев. Сигурни сме дека јавноста има уште една шанса на дело да ја види нивната улога, овојпат како цензор на СДСМ против кампањата на ВМРО-ДПМНЕ – велат од партијата.
За спотот каде е прикажана мајка како чита приказна пред спиење на своето дете и споменува име „Вилма“, која дава можност политичарите да одберат обвинение за своите противници, од партијата велат дека „сите совпаѓања се случајни, освен оние кои не се“.
-А, второто видео за кое реагираат Вилма Русковска и Кацарска, ја отсликува жалната реалност дека Русковска и Кацарска станаа синоним за неправдите на Зоран Заев и Луј Витон правниот систем во Република Македонија. Истиот тој систем овозможува неказнивост на криминалот, а тоа ќе се реформира по 15 јули – велат од партијата.
За спотовите, обвинителката Русковска испратила опомена пред тужба до ВМРО-ДПМНЕ, а судијката Кацарска рече дека се злоупотребуваат парите на граѓаните бидејќи тоа се пари кои партиите ги добиваат за претставување на програмите, а таа не е кандидат за пратеник. Кацарска потсети и дека нејзината работа е поздравена од меѓународната заедница, па порача дека Мицкоски со вакви спотови покажува дека не е за борба против криминалот и корупцијата.