ВМРО-ДПМНЕ: Заев и Филипче донеле спорен правилник за канабис

ВМРО-ДПМНЕ денеска преку соопштение ги обвини Зоран Заев и Венко Филипче дека имале за цел Македонија да ја претворат во светска туристичка атракција за канабис.

Според владејачката партија, СДСМ на чело со Зоран Заев и Венко Филипче го злоупотребиле процесот за регулирање на медицинскиот канабис во Македонија. Од партијата велат дека во 2020 година Заев и Филипче смислиле план за како енормно да заработат од бизнисот со марихуаната и сакале целосно да ја легализираат, но тоа, како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, не им поминало.

 

– Advertisements –

 

„Затоа лиценците за одгледување на медицински канабис биле резервирани исклучиво за луѓе блиски до кланот Заеви и Филипче. Обичните граѓани и компании немале никаква шанса да добијат дозвола“, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

 

Оттаму велат дека поради фаворизирањето на тоа кој ќе добие лиценци, Струмичкиот регион се претворил во центар за производство на марихуана за медицински цели.

 

Според ВМРО-ДПМНЕ, доказ за тоа дека се било смислено однапред е подзаконскиот акт на правилникот за одгледување на канабис за медицински цели, кој бил донесен во време на СДСМ и каде велат дека постои неусогласеност, затоа што се дозволува да се произведува цвет од канабис кој не ги задоволува ГМП нормите.

 

„Производството на канабис кој не ги исполнува ГМП нормите го прави маслото од канабис нелегално за лиценцирање и промет. Токму поради сето ова се отвора сомнеж за криминални мотиви. Со ваквиот начин на производство и складирање се отвора сомнеж дека канабисот бил за продажба на црниот пазар“, се додава во соопштението.

Од ВМРО-ДПМНЕ бараат итна интервенција од Јавното обвинителство, нагласувајќи дека граѓаните заслужуваат правда, а одговорните да одговараат пред законот за работењето на овој, како што го нарекуваат, „картел“.

Back to top button
Close