ВМРО-ДПМНЕ: Зечевиќ го притиснал Ковачевски за новиот директор на АНБ

Лицемерието на СДС и Димитар Ковачевски се виде на дело со поставувањето на Зарко Милошевски за директор на АНБ, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Декларативно говорат за прозападни и квалитетни кадри, а за директор поставија човек кој лично го издал документот со кој му се овозможи државјанство на прорускиот политичар Онишченко, лице од црната листа на САД“, стои во соопштението.

Од опозициската партија посочуваат дека Милошевски е лик со голем број петна и црни дамки во неговата кариера.

„Милошевски бил помошник директор во АНБ во времето кога 215 криминалци, мафијаши, убијци од регионот и светот добиваат македонски патни исправи. Исто така бил началник на единицата за екстремизам во УБК во 2015 година и од таа позиција бил одговорен за проценките пред почетокот на полициската акција во Диво Насеље. Дополнително, тој бил началник во УБК во периодот и на прислушкувањето и на настаните од 27 април и затоа треба му се испита вмешаноста и одговорноста за настаните“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Како што истакнуваат од партијата, Ковачевски веројатно бил притиснат од Миле Зечевиќ да го именува неговиот пулен во АНБ.

Back to top button
Close