ВМРО става вето на државата!?
Мерсел Биљали
Чудно како во 1898 година, 14 години пред трагедијата на „Титаник“, американскиот писател Морган Робертсон напишал книга со наслов „Futility” (Залудност), во која авторот детално опишал проклетен брод наречен „Титан“, кој потонал и многу луѓе се удавиле. Исто така е чудно што тој измислен брод бил опишан во големина и изглед на подоцнежниот „Титаник“! По катастрофата на Титаник во 1912 година, претходно слабо продадената книга „Futility”, била објавена со нов наслов „The Wreck of the Titan” (Олупината на Титан), и стана бестселер.
Во недостаток на предвидлив глобален светски поредок, бројни актери се свртуваат кон разновидни футуристични теории, пророштва, па и теории на заговор. Нострадамус уште во 1654 година предвидел како „Една голема светска војна ќе започне кога еден голем светски град целиот силно ќе гори“. Баба Ванѓа, предвидела дека „Европа ќе престанеле да постои по 2017 година и дека континентот ќе се претвори во пустелија речиси целосно лишен од човечки живот“! Бразилскот видовњак Атош Саломе, познат како „живиот Нострадамус“, сподели застрашувачки предвидувања за Третата светска војна, предупредувајќи ги Британците да се подготват за тоа! Оти доминираат политичари чиј талент е колекција ножеви во грб.
Украинскиот амбасадор во Обединетото Кралство, поранешен командант на украинските вооружени сили, Валериј Залужњи, смета дека по директното вклучување на автократски руски сојузници во војната против Украина, „апсолутно можеме да веруваме дека Третата светска војна е започната“. Украина повеќе не се соочува само со Русија, туку и со Северна Кореја, Иран и некои други држави кои на ѓаволот куќа му градат. „Ирански маченици убиваат цивили без милост. Ракети произведени во Северна Кореја летаат низ Украина“ – рече Залужњи. Колку лесно глобалната војна може да стане реалност, најдобро покажа кинескиот „метеоролошки балон“ што стаса дури до небото над Соединетите Американски Држави преку Алјаска и Канада! Сето ова во име на минатото и иднината, а во кавгата меѓу минатото и иднината, умира сегашноста.
Половина свет во војна?!
Воената индустрија повторно е водечка по профит, а медиумска индустрија е во потрага по одговори – ќе има ли светска војна?! Или веќе сме во неа! Оти опкружени сме со мајстори на отрови кои нè трујат! Во моментов, во светот се водат повеќе војни. Покрај војната меѓу Украина и Русија, имаме и бројни воени конфликти во повеќе земји низ светот – Израел, Палестина, Сирија, Либан, Иран, Јемен, Индија, Пакистан… Индиректно, во конфликт инволвирани се и многу држави-членки на ЕУ, САД, Иран, Турција, а деновиве започна сериозна воена конфронтација меѓу Индија и Пакистан за областа Кашмир. Според населението, околу 3,5 милијарди жители на планетата живеат во држави кои се вклучени во некаков воен конфликт.
Значи, директно или индиректно, околу 54 проценти од светската територија и 38 проценти од светското население моментално се вклучени во конфликтот. Нападнати се и клучни светски пловни патишта – Суецкиот канал и Теснецот Бан-ал-Мандеб што ги врзуваат Индискиот океан и Арапското море со Црвеното море, а низ Суезскиот канал и со Средоземното море. Пловидбата е загрозена и меѓу Персискиот залив и Оманскиот залив поради иранска доминација над теснецот Ормуз. Не е без проблеми ниту на Босфорот кој ги поврзува Егејското море и Средоземно море со Црното море, а низ Дунав и со повеќе европски држави. Исто така поради одвоениот руски регион Калининград, проблеми си пловидбата има и на Балтикот.
Новиот канадски премиер Марк Карни изјави дека остро ќе се спротивстави на Трамп. Рози не цветаат ниту во комуникацијата меѓу Трамп и Путин за примирје. Тешко се сфаќа дека ако ја направиме нормалноста невозможна, брзо ќе ја направиме катастрофата неизбежна. Американскиот државен секретар Марко Рубио, за Фокс њуз кажа дека „се надева на вистински чекор напред во врска со војната во Украина“. Но, американскиот потпретседател Џ.Д. Венс е песимист за скоро завршување на војната. Сето тоа потсетува на женско деколте кое се обидува да покрие доволно за да открие сè.
ЕУ планира над 800 милјарди евра за вооружување за наредните 4 години. Полска и трите балтички држави по сите финасиски параметри се подготвуваат за војна. Се проценува дека на ЕУ сега ѝ се потребни стотици илјади нови војници и најмалку 260 милијарди долари повеќе пари како одбранбени трошоци за да ја одврати Русија без американска поддршка. Оти „Бесплатен ручек“ нема веќе за Европа, изјави Сер Алекс Јангер, поранешен шеф на британската разузнавачка служба „МИ-6“, во интервју за Би-Би-Си. „Трамп е таму каде што се очекуваше да биде“, кажа тој, но постои голема разлика меѓу сојузниците во тоа колку придонесуваат за НАТО! Тука, сите изговори наликуваат на глупав тест каде што откако сте ги одговориле сите точки, прашањата веќе се сменети! Сепак, Јангер нуди малку пооптимистичка проценка за способноста на Европа да ја пополни празнината во одбраната. „Не мора премногу да се грижиме, бидејќи сме 10 пати побогати како европско НАТО од Русија“, рече тој. Изгледа Европа ги преувеличува стравовите од Русија, која веќе три години се бори со слабата Украина, а едвај успеа да навлезе 70 километри на нејзина територија. Не е тој Советски Сојуз кој за еден ден ја окупираше тогашната Чешкословачка во 1968 година, и Унгарија во 1956 година. Сега Европа е силна конструкција во секој домен. Русија сега е само злобен дух од минатото. Но, Европа ќе мора сама да тргне низ дожд без американски чадор.
Америка на Трамп се свртува кон Индо-Пацификот, па Европа ќе мора својата одбрана да ја натовари на свој грб. Финансиската карта е јасна, ама функционалната е матна, оти едни тркала се вртат во спротивна насока (Унгарија, Словачка)! Но, и големата слика е матна. Кристине Берзина, директорка на „GMF Geostrategy North“ од Германија, е на мислење дека луѓето не се сигурни дали САД ќе застанат на страната на своите сојузници и пријатели ако бидат нападнати. „Русија јасно стави до знаење дека ги гледа САД како противник кога ја прикажа својата војна во Украина како војна против НАТО.“ „Но, и покрај тоа, Трамп и неговите луѓе користат многу мека реторика и, згора на тоа, ѝ нудат на Русија невидени економски можности“, вели таа!
Балканот врие!
Во Србија, студентските протести веќе наликуваат на масовно востание, ама Вучиќ продолжува со театрална игра. Тој е на Мар-а-Лаго кај Трамп, за да се „продаде“ како негов регионален играч. Па на 9-ти мај кај Путин на „Црвен плоштад“ во Москва. Мисли дека пингвините живеат и во Антарктикот и во Арктикот! Сооглед на тоа дека Трамп го прекинува посредувањето меѓу Зеленски и Путин, е можно Вучиќ да добие „настинка“. Оти Трамп е како реката Тигар од Месопотамија. Тој нема средина, туку само крајности. Или поплавува или пресушува.
Пријателот на нашата влада Милорад Додик, кој е на сите можни црни листи, со поддршка на исто така друг големиот пријател на нашата влада Виктор Орбан, става опасна детонација врз овдешен мир. Вели: „Ќе возвратиме, тие мора да бидат сигурни. Она што го направивме Виктор Орбан, Роберт Фицо, јас и другите во Европа се покажа како правилно.“
На почетокот на 1990-тите бевме втори во регионот на цела источна и југоисточна Европа (после Словенија). Сега сите нè надминаа. Хрватска е веќе во еврозоната, додека Бугарија и Романија се многу блиску до неа. Србија, десет години се бореше со својата сенка, сега е многу пред нас! Црна Гора, која стана независна 17 години по Македонија, е пред вратите на Брисел. Албанија, која започна од „нула“ во деведесеттите години кога Македонија веќе беше зрела држава, исто така нè надмина и за три години ги завршува преговорите. А ние 35 години заглавени на ‘рѓосан спореден колосек покриен со коприви, ги слушаме тажните песни на осамените птици. Евтиното играње скапо чини!
Со ваков ментален склоп, не само што над Македонија нема да се раѓа ново сонце, туку соочени со црни облаци, пороен дожд, град и поплави, можно e да го загубиме и тоа сонце што го имаме! Сето ова е во име на некаков патриотизам, што е полошо од предавство. Предавство не е наоѓањете решенија за проблемите, туку проблематизирање секое решение. Лудост е да се повторуваат истите работи одново и одново во полза на лоши резултати. Со темни сили не може да се добие светлина. Тешки одлуки не се за лесни водачи.