Внатрешна контрола поднесе кривична против 13 полицајци – не спречиле палење на пиротехниката
Тринаесет полициски службеници од СВР Штип се под истрага затоа што два дена пред да избие пожарот во кабарето „Пулс“ во Кочани каде живи изгореа 62 претежно млади, а речиси 200 беа повредени – одобриле план за акциска контрола на угостителски објекти на подрачјето на Кочани, без да проверат дали тој план ги има опфатено сите проверки во надлежност на МВР и дали се запазени одредбите од Стандардните оперативни процедури за проценка и управување со ризик при вршење на полициски работи.
Кривичната пријава им ја поднесе внатрешната контрола во МВР.
Планот што бил изготвен за вечерта, бил ист како и претходните планови што цело време биле изготвувани на ист начин. Според наредбата за истрага, постапувајќи по планот, на 16 март во кабарето „Пулс“ каде биле собрани поголем број луѓе, полициските службеници не презеле мерки да спречат активирање на пиротехничка опрема на сцената каде настапувала музичката група „ДНК“ во моментот кога ја вршеле контролата. Пиротехниката што го запали кабарето и каде загинаа 63 лица, претходно не била пријавена во полициска станица Кочани. Со тоа тие не презеле мерки за заштита за присутните лица во „Пулс“каде поради несоодветните услови настанал пожар. Со тоа, тие се осомничени дека како службени лица сториле кривично дело „тешки дела против општата сигурност“.
Јавниот обвинител предложи мерки за претпазливост за нив – забрана за напуштање на живеалиштето, обврска да се јавуваат повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган кој ќе го определи судијата на претходна постапка, привремено одземање на пасош, забрана за приближување или воспоставување и одржување контакти или врски со определени лица – осомничените во оваа постапка, како и забрана да извршуваат работа полициски службеник.