Внатрешна контрола во МВР ќе го разгледува приведувањето на Фуркан Салиу
За дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев разбирлива е бурната реакција на јавноста во врска со приведувањето на новинарот Фуркан Салиу. Бојмацалиев денеска се воздржа од давање повеќе изјави од она што вчера беше наведено во соопштението од МВР.
Бојмацалиев најави дека внатрешната контрола при МВР ќе биде вклучена во врска со тоа што вчера се случувало, зошто е уапсен новинарот и на кој начин.
Тој додаде дека во моментов имаме министер кој е од политичка партија која во минатото знаеше да им се спротивстави на гласните новинари, да ги апси, да затвора телевизии и сосема оправдано е, вели, што граѓаните реагираат на овој начин.
„Во моментов имаме министер од политичка партија која во минатото знаеше да се спротивстави на гласните новинари, да затвора телевизии. Сосема оправдано што граѓаните реагираат, јас нема повеќе ништо да додадам од она што е соопштено од МВР. Од денеска за тоа што се случувало, зошто е уапсен и на кој начин новинарот, вклучена е и внатрешна контрола“,рече Бојмацалиев одговарајќи на новинарски прашања при неговата денешна работна посета на СВР Охрид, Езерската полиција и на Граничниот премин „Свети Наум“.
Својот коментар Бојмацалиев најави дека ќе го даде по извештајот од спроведената контрола.
На новинарско прашање дали можело и поинаку да се постапи, Бојмацалиев рече дека секогаш постојат повеќе начини да се постапува, а дали тоа бил исправниот начин ќе го покаже внатрешната контрола по случајот.
Со реакции околу вчерашното приведување на Салиу денеска се јавија и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.