Внуците на комунистичката Интернационала
Внуците на членовите на комунистичката интернационала од Македонија, онаа од триесеттите години на минатиот век, деновиве, се горди што учествувале во основањето на десната Интернационала на олигарсите-милјардери и нивните поддржувачи на инаугурацијата на Трамп во Вашингтон. И, додека имам разбирање за нашите татковци и дедовци и за нивната борба за работнички права и слободи, не ја разбирам денешната фасцинација на генерацијата на власт со милјардери и капиталистички олигарси кои живеат на некоја друга планета од оваа нашава – Земја. Во политичка смисла, водачите на партиите на десницата поканети во Вашингтон ги карактеризира силен евроскептицизам, популизам и национализам. Што бараме во нивно друштво? Да, но ние имаме стратешко партнерство.
Целата приказна со нашето стратешко партнерство со Америка, нашите „специјални“ врски, е по малку тажна. Така е секогаш кога се претерува со нешто. Но, не сме единствените. Британците, на пример, често претеруваат повикувајќи се на на „специјалните односи“ меѓу Велика Британија и Америка, Тие односи се толку специјални, коментирал некој, што само и се познати на едната страна (Британската). Така и со односите помеѓу Република Северна Македонија и САД кои ни се познати само нам.
Ако со упорното повторување на стратешкото партнерство со Америка сакаме да изразиме беспоговорна лојалност кон политиките на Америка, како што разбрав од зборовите на министерот за надворешни работи, би ја советувал новата власт „да олади малку“ зашто под водството на Трамп, ова веќе не е Америка од вчера. Би ја советувал оваа генерација на власт да се замисли и над судбината на претседателот на Украина Зеленски. Славен од Америка како херој кому не му треба авионски билет за да ја напушти државата после руската агресија, туку му треба оружје за да се бори, Зеленски доживеа новиот американски претседател Трамп јавно да го критикува зошто не се определил за мир . Со други зборови, зошто не мислел малку и со своја глава во интерес на својата земја. Имено, рушејќи го табуто, Трамп кажа две вистини со кои го „пушти Зеленски низ вода“: дека го разбира Путин и дека се почна со проширувањето на НАТО во Украина.
Не замислувајќи се над простиот факт дека Америка никогаш нема да оди во нуклеарна војна заради Украина и дека Русија е несразмерно посилната страна, некогашниот комичар, денес тврди дека бил излажан со ветувањето за членство во НАТО.
И сега на случајот на Македонија. Што баравме ние на инаyгурацијата на Трамп, всушност? Пари и поддршка во спорот со ЕУ и Бугарија, е најкраткиот одговор добиен од власта. Пари. Пријателството со милјардер по потекло од нашата земја може да биде вредна и корисна работа. Такви пријателства, како што научив во дведесеттите, му отворат врата на политичарот за разговори со влијателни соговорници кои водат држави. Но, тие луѓе свои пари не даваат на државите, пак, се раководат од нивните економски интереси. Инвеститорите бараат профит. Што им пружа двомилионска, да речеме, Македонија? Во средината на деведесеттите, на состанок на стопанската комора на Њујорк меѓу претставниците на државите на Источна Европа и богатите американски капиталисти и потенцијални инвеститори, разбрав дека неисплатлива за сериозни инвестиции е секоја Источно-европска држава, од по 10, 15, или 30 милиони жители земена посебно, и дека само пазар кој ги надминува тие ограничувања може да ги мотивира да инвестираат. Таков мотив за инвестирање стана таканаречената Средно-европска иницијатива меѓу Унгарија, Словачка, Чешка и Полска.
Спорот со ЕУ и Бугарија? Сега ли најдовме да бараме американска поддршка кога трговската војна меѓу Америка и Европа веќе се оцртува на политичкиот хоризонт. Кога политичките односи се толку затегнати што генерал од ЕУ предлага стационирање европски трупи на Гренланд? Со стариот компас македонската надворешна политика ќе се загуби во лавиринтите на новата геополитика меѓу Европа и Америка. После Трамп, ништо веќе не е како вчера. Би имало еден поволен исход за нашата сегашна политика: Америка да ја разбие ЕУ. Така би завршиле на победничката страна. Таквиот исход не е невозможен. Ако, како во стари времиња на променливи сојузи и нови рамнотежи на сили, Америка почне да „игра“ една европска држава против друга, Сојузот нема да опстане. Дури и ние би можеле да учествуваме во рушењето на ЕУ.
Еве хипотетички – би можела ли американската политика да го искористи спорот на Македонија со земја членка на ЕУ за рушење на Сојузот? И, што ако наспроти се опстане ЕУ? Тогаш, да не им се случи утре на нашите политичари она што деновиве му се случи на Зеленски: Европа да ги праша што мислеле кога заедно со десната интернационала на Трамп ја рушеле „европската идеја“.
Денко Малески