Во 16 општини ќе се формираат регионални „Ковид – центри“

Градоначалниците на 16 општини го поддржаа предлогот на Министерството за здравство и на Комисијата за заразни болести за формирање регионални „Ковид- центри“ во градовите каде веќе постојат општи болници и здравствени домови, во кои би можело да се аплицира систем на монтажни модули, односно мобилни болници како подготовка за справување со евентуален есенски бран на пандемијата.

Ова беше констатирано на денешниот состанок преку електронска платформа на градоначалниците од Гевгелија, Куманово, Кавадарци, Струмица, Кичево, Дебар, Гостивар, Струга, Кочани, Охрид, Велес, Тетово, Штип, Битола и Ресен и од Прилеп. Состанокот е на  барање на Министерството за здравство.

Од прилепската локална самоуправа информираат дека градоначалниците изразиле подготвеност да помогнат во изнаоѓањето најсоодветни локации, доколку тоа не може да се реализира во кругот на општата болница, како што се слободни училишта, интернати, хотели и слично, при што побарале да им бидат обезбедени дополнителни насоки, планови за проширување на здравствените капаците или предлог-модели со технички спецификации за условите кои треба да ги има локацијата (пристапни влезови и излези, лифтови, дотур на вода, третирање на отпадот и слично).

Со помош на јавните комунални претпријатија, посочувват од општината, ќе се погрижат локацијата да се доведе во прикладна состојба за да може да се постави монтажната болница, при што посочија на поддршка од државата за евентуално „олеснување“ при реализација на правните процедури за поставување вакви времени објекти.

Градоначалниците побарале во овој период да се изработат потребни протоколи за одредени постапки што ќе треба да ги преземе општината.

– Стана збор и за дезинфекцијата што се врши на јавни површини и установи, односно каде, како и дали воопшто треба да ја врши општината, потоа за подршката со заштитни маски и други помагала што локалната власт ги обезбедува за граѓаните но и за здравствените установи. На состанокот беше истакнато дека одредени општини се соочуваат со исцрпени локални буџети, и во иднина може да се очекува тоа да преставува сериозна пречка за активности на локалната власт за превенција и заштита од вирусот, наведуваат од општината.

На 13 јули, Министерството ќе организира состанок со директорите на болниците во овие градови, од каде ќе добијат дополнителна слика за здравствените капацитети и за техничките потреби за поподготвено превенирање од евентуален, позасилен бран во наредниот период од оваа епидемиолошка криза.

Back to top button
Close