Во 2021 година ЕУ ќе издаде 80 милијарди евра вредни обврзници во рамки на план за опоравување

За првпат во историјата, Европската комисија очекува да издаде 80 милијарди евра долгорочни обврзници оваа година за да помогне во финансирање на план за обновување од пандемијата со коронавирусот во износ од 750 милијарди евра.

Со продажба на обврзници, како и краткорочни хартии од вредност во 2021 година, ЕУ „ќе успее да ги покрие најитните потреби на земјите-членки и да ги стави на патот кон одржливо закрепнување“, се вели во изјавата на европскиот комесар за буџет Јоханес Хан.

Издавањето на првите обврзници може да започне веќе на крајот на месецот, а краткорочните хартии од вредност ќе се продаваат од септември, се вели во соопштението на Комисијата.

Од средината на 2021 година до 2026 година, просечното годишно задолжување треба да биде околу 150 милијарди евра, се вели во изјавата.

Објавувањето доаѓа откако сите 27 земји-членки ги одобрија моделите за финансирање на планот на национално ниво, давајќи зелено светло на Комисијата да почне со задолжувања.

Back to top button
Close