Во акција на Европол уапсени 418 лица за трговија со фалсификувани лекови

Операцијата била спроведена од француски, грчки, италијански и шпански служби за спроведување на законот и координирана од Европол. Акциите се случиле во 30 земји меѓу април и ноември минатата година

Истражители од повеќе земји, предводени од Европол, уапсиле 418 осомничени во операција против трговија со фалсификувани лекови и недозволени супстанци, соопшти европската полициска агенција.

Операцијата била спроведена од француски, грчки, италијански и шпански служби за спроведување на законот и координирана од Европол. Акциите се случиле во 30 земји меѓу април и ноември минатата година.

Во акцијата биле запленети 426 016 „нелегални фармацевтски производи“, речиси 175 илјади ампули, над 4 683 426 таблети и апчиња, 4 111 килограми прашок и суровина, 108 литри активна состојка, а откриени и демонтирани биле и четири подземни лаборатории. Вкупните заплени на операцијата се во вредност од повеќе од 11 милиони евра, се вели во извештајот.

“Трговијата со фалсификувани лекови е во пораст во ЕУ, што предизвикува огромни трошоци за поединците и општеството. Фармацевтскиот криминал има директно влијание врз јавното здравје и безбедност“,соопшти Европол.

Тие додаваат дека организираните криминални групи продаваат супстандардни, погрешно означени или фалсификувани фармацевтски производи, како и производи пренасочени од легитимните малопродажни синџири.

Во запленетата стока, како што се вели во извештајот, имало лекови против болки, фармацевски производи за рак, допинг супстанции, за хормони и психотропни дроги.

Од Европол упатуваат апел до потрошувачите да бидат особено внимателни при ваквите набавки преку Интернет.

 

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close