Во Албанија 178 новозаразени, највисока дневна бројка до сега

– Нов негативен рекорд на новозаразени со Ковид-19 е регистриран во Албанија во последното деноноќие, јави дописничката на МИА.

– Од направените 947 тестови на сомнителни случаи, позитивен резултат е добиен кај 178 од нив, што е највисока бројка во едно деноноќие до сега, како во однос на направените тестови така и на потврдените позитивни случаи. Во исто време починати се четири лица додека оздравеле 81, информираше Министерството за здравство и социјална заштита.

И понатаму главни жаришта на болеста остануваат Тирана и Драч, со 50 односно 14 од новозаразените, останатите се речиси од сите делови на земјата.

Од почетокот на пандемијата, првите денови на март до сега, направени се 57.004 тестови, позитивни биле 8.605, оздравеле 4.413, додека починале 254 лица.

– Активни на болеста се 3.938 лица. Продолжува трендот на зголемена бројка на заразени на кои им е неопходен болнички третман. Моментно во Инфективната клиника и во болницата „Шефќет Нроќи“ или ковид два хоспитализирани се 151 лице, од нив 20 во тешка состојба. Само во последните четири дена бројот на хоспитализирани е зголемен за четириесеттина пациенти, – наведува Министерството.

Министерката за здравство и социјална заштита Огерта Манастирлиу денеска најави нови вработувања на здравствени работници, по поголемата група медицински сестри кои беа вработени неодамна.

Back to top button
Close