Во Бигорскиот манастир синоќа наречение за Партениј

По четврт век како монах и игумен на Бигорскиот манастир „Св. Јован Крстител“, синоќа беше извршено наречение за отец Партениј кој денеска ќе биде хиротонисан во катедралната црква „Света Софија“ во Охрид.

По наречението во Бигорскиот манастир, се одржа вечерна богослужба на која присуствуваше погаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан, сите архијереи на МПЦ-ОА и верници.

Архијереите на Свештениот синод на МПЦ-ОА, на 20 мај годинава, едногласно донесоа одлука отец Партениј да биде прогласен за епископ антаниски според македонскиот античкиот град Антанија, кој бил епископско седиште. Истовремено, Партениј ќе ја задржи и својата должност како игумен на Бигорскиот Манастир, каде што ќе биде и неговото постојано седиште.

Со своето 25-годишно монашко и игуменско искуство, отец Партениј влегува во архиерејски чин со досега најголем монашки стаж во поновата историја на црквата. Во црковните кругови тој важи за искусен духовник, кој ужива голема почит не само од верниците, туку и од пошироката јавност.

Архмандрит Партениј како Зоран Фидановски е роден на 29 октомври 1970 година во Битола. Уште во детството е задоен со силна љубов кон Бога. Духовниот пат го започнува во средното богословско училиште „Свети Климент Охридски“ во Драчево, потоа дипломира на Православниот богословски факултет во Скопје. По духовен и монашки пат заминува на Света Гора, во манастирот „Григоријат“, каде што останува извесно време.

Надлежниот архијереј на Дебарско-кичевската епархија на МПЦ, митрополит г. Тимотеј, го замонашува на 24-годишна возраст и му го дава монашкото име Партениј. Замонашен е на 5 август 1995 година, а по четири дена го добива монашкиот чин јеромонах во охридскиот храм на Пресвета Богородица Перивлепта. По една година од замонашувањето, на 7 јули 1996, на Рождеството на Свети Јован Крстител е ракоположен за игумен на Бигорскиот манастир. Во 1998 година е одликуван со граден крст – архимандритско достоен.

Монашкото братство на Бигорскиот манастир предводено од игуменот Партениј, за четврт век од возобновувањето, изврши целосна преродба на духовното живеење во Долна Река и Мијачијата, а големи успеси бележат и во изградбата на нови црковни објекти и на монашката економија. Меѓу другото во овој период е возобновен манастирот во дебарското село Рајчица и обновено е сестринството, реконструирани се и изградени се цркви во Долна Река и Мијачијата. Изградена е „Куќа на Мијаците“ – етноресторан што ги афирмира традициите, обичаите и готварството на Мијачијата.

Видео преносот во Бигорски преку социјалните мрежи го следеа над 100 илјади лица.

Back to top button
Close