Во Битола вечер традиционален годишен коцерт на КУД „Илинден”

Културно – уметничкото друштво „Илинден” вечер во Битола ќе го одржи традиционалниот годишен концерт „Поведи коло танчаријо” насловен според истоимената сценска адаптација од источен дел на Славиште што ја подготви Љупка Стефановска.

Во програмата застапени се кореографии од сите краишта на државата кои ќе ги изведат ансамбите на КУД „Илинден” и нивните гости Дијана Атанасовска, Мартин Ристовски, Ристе Ѓорѓиев, Раде Петровски и Максим Јовев.

-Концертот ќе го почнеме со ороводна песна „Се собрале девојке” од етничкиот предел Жеглигово, потоа со „Поведи коло танчаријо” – сценска адаптација од источен дел на Славиште, а за публиката ќе бидат изведени и светски познатата „Копачка”, потоа „Осоговка”, „Пијанец”, „Шечерина”, „Пиринско цвеќе”, „Овчеполска трчулка”, „Чалгиско оро” во изведба на оркестар раководен од Славе Наумовски-Чапче, „Копачија” и други кореографски постановки, најави Александар Стефановски, уметнички раководител на КУД „Илинден”-Битола.

Целовечерниот концерт на КУД „Илинден” почнува во 18:30 часот и ќе се одржи во големата сала на НУ Центар за култура-Битола.

Back to top button
Close