Во Битола врачена наградата за животно дело на актерот Петар Мирчевски

Градоначалничката на Општина Битола Наташа Петровска вечерва на актерот Петар Мирчевски му ја врачи наградата за животно дело која традиционално се доделува на празникот на градот, 4 Ноември.

Свеченоста се одржа во новиот, реконструиран импозантен објект, Офицерски дом во Битола кој по долго време вечерва ги отвори вратите на посетителите.

-Битолчани од денес го имаат својот објект, Офицерскиот дом кој постојано ќе биде отворен. Ова е почеток на нови бројни настани, а првиот беше посветен на добитникот на наградата за животно дело, актерот Петар Мирчевски. Со овој настан се става печат на мојот мандат, бев посветена за овој објект и еве Офицерскиот дом го отворивме на празникот на градот, рече меѓудругото Петровска.

 

Наградата за животно дело е големо признание и затоа се поклонувам на публиката, се поклонувам на битолчани, посочи актерот Петар Мирчевски.

-Горд сум што можев на својот мајчин македонски јазик да го промовирам мојот матичен театар, мојот град и мојата земја. Благодарам на публиката која секогаш ме поддржува и мотивира. Ви се поклонувам, рече Мирчевски.

Празникот на градот го честита и новоизбраниот градоначалник на Битола Тони Коњановски.

-Сакам посреќна Битола и затоа ќе работам на тоа да се врати насмевката на битолчани. Прекрасен е Офицерскиот дом и ние ќе се грижиме за правилна намена и програмски да живее и функционира овој објект, истакна Коњановски.

Празничната програма по повод 4 Ноември Денот на ослободувањето на Битола продолжува утре претпладне со полагање цвеќе на партизанските гробишта и средба на градоначалничката Петровска со претставници на Сојузот на борците од тој град.

Back to top button
Close