Во Битола заврши фестивалот на народни песни и игри „Илинденски денови”

 Со доделување на награди за најдобрите македонски културно уметнички друштва и со интернационална вечер што ја приредија гости од Шпанија, Италија, Колумбија, САД, Србија и Полска, синоќа во Битола заврши 52 издание на Фестивалот на народни песни и игри „Илинденски денови”.

Стручно жири во кое членуваа д-р Владимир Јаневски, д-р Родна Величковска, д-р Мирјана Мирчевска, д-р Беким Рамадани и м-р Христијан Николовски, одлучи награда за најуспешна група која презентираше традиционална музика и игра да додели на ЖФК „Радовишанки” од Радовиш, награда за најуспешна група која презентираше староградска музика и игра доби КУД „Далги” од Охрид, оркестарот на фолклорниот ансамбл „Китка” од Истибање доби награда за најуспешен изворен состав, вокалната солистка Дијана Анастасовска членка на КУД „Илинден”-Битола е прогласена за најдобра вокалистика, додека КУД „Илинден” од Струга се наградени за ансамбл кој презентира најуспешна и најкомплетна изворна носија.

Награди на најуспешните и благодарници за учество на гостите од странство им додели директорката на НУ Центар за култура, Маја Андоновска Илијевски.

– За еден фестивал дека е успешен сведочат насмевките на учесниците и на публиката, силината на аплаузите, радоста на организаторите. На Министерството за култура и Општина Битола бескрајно им благодарам за препознавањето и значењето, како и поддршката на најстариот фестивал во нашиот град, фестивалот кој го претвори градот во крстопат, каде се споија Истокот и Западот, Северот и Југот, создавајќи пријателства што ќе траат, истакна Андоновска Илијевски.

На завршната вечер и на македонски јазик се обрати Диего Мантано член на ансамблот „Франциско де Гоја” од Мадрид.

– Ви благодарам за вашето гостопримство и бидете сигурни дека од сега и понатаму секој од нас кога ќе ги насочи очите кон изгрејсонцето ќе се сети дека има една прекрасна земја Македонија со прекрасен град Битола, и каде во јули 2022 година оставивме дел од нашите срца за секогаш, истакна гостинот од Шпанија, Мантано.

Фестивалот на народни песни и игри „Илинденски денови” годинава почна на 18 јули и се одржуваше под мотото „Од корените до цветот”.

Back to top button
Close