Во Брисел започна скрининг состанокот за Поглавје 15 – Енергетика и Поглавје 21 – Трансевропски мрежи


Во Брисел започна скрининг состанокот за Поглавје 15 – Енергетика и Поглавје 21 – Трансевропски мрежи

Скопје, 14 септември 2023 (МИА) – Во Брисел денеска започна билатералниот скрининг состанок за Поглавје 15, „Енергетика“ и Поглавје 21, „Трансевропски мрежи“, кои се дел од Кластерот 4 „Зелена агенда и одржлива поврзаност“.

Состанокот, како што е наведено во соопштението од СЕП, го отвори државната секретарка во Секретаријатот за европски прашања и заменичка на главниот преговарач со ЕУ, Дрита Абдиу-Халили, која во своето воведно обраќање рече дека развојот на енергетскиот сектор е високо на агендата на Владата, посочувајќи дека последните години се усвоени повеќе закони, вклучувајќи ја и Стратегијата за развој на енергетиката до 2040 година во согласност со енергетските и климатските политики на ЕУ.

-Владата е посветена на енергетските реформи, не само затоа што тие се клучен услов за пристапување на земјата во ЕУ, туку и за подобрување на квалитетот на услугите за потрошувачите на енергија, додаде Абдиу Халили.

Таа напомена дека Северна Македонија, исто како и остатокот од Европа, доживеа финансиски тешкотии поврзани со СОВИД-19, но и од брзиот пораст на цените на природниот гас и електричната енергија поради руската инвазија во Украина, тоа не ја поколеба Владата да отстапи од вложувањата во зелената агенда и здравата животна средина.

-Иако оваа тешкотија принуди многу земји да ги концентрираат своите напори на управување со кризи наместо на системските реформи, нашата земја останува високо фокусирана на развој на чиста енергија и диверзификација на енергетските ресурси, истакна заменичката на главниот преговарач, Абдиу-Халили во нејзиното воведно обраќање.

Абдиу Халили им се заблагодари на претставниците на Европската комисија за досегашната непречена соработка, истакнувајќи дека ја цениме и за нас е важна подготвеноста на европските институции да помогнат на Северна Македонија да го развие својот целосен потенцијал.

Делегацијата на скрининг состаноците за поглавјата ја сочинуваат претставници од неколку државни институции, државната секретарка во Министерството за економија, Размена Чекиќ-Дуровиќ, претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, претставници од Операторот на електропреносен систем на Република Македонија (А.Д. МЕПСО), Националниот оператор на пазар на електрична енергија (МЕМО), Акционерското друштво за вршење на енергетска дејност пренос на природен гас НОМАГАС Скопје, Електрани на Северна Македонија (ЕСМ), Дирекцијата за радијациона сигурност, и претставници од Секретаријат за европски прашања.

Билатералниот скрининг за Поглавје 15 и 21 ќе продолжи и утре, каде на агендата се усогласувањата со законодавството на ЕУ во оваа област и идните планови за воведување на европските стандарди и зајакнување на капацитетите.

Back to top button
Close