Во Црна Гора запленета марихуана вредна околу десет милиони евра, полицијата трага по уште лица
Вишото државно обвинителство одреди притвор до 72 часа за две лица кои беа уапсени во акција за откривање на најголемата плантажа со марихуана во Црна Гора, со повеќе од 13 илјади садници.
В.Д. директорот на Управата на полицијата, Лазар Шќепановиќ, на прес-конференција изјави дека станува збор за заплена на марихуана вредна над пет милиони евра, а дека нејзината улична вредност достигнува и до десет милиони евра. Плантажата била откриена на локалитет во делот на Црмница, а непристапниот терен бил погодно тло за лицата кои учествувале во овој криминален потфат.
– Засадени се 13.100 садници, станува збор за избор на погодно земјиште, систем за наводнување и дотур на вода, систем за напојување со електрична енергија, изјави Шќепановиќ.
Шќепановиќ појасни дека насадите биле на осум парцели и тоа на 15 различни сопственици.
Плантажата била откриена пред два дена, а јавноста беше информирана за тоа вчера, пренесе Бета.
Шќепановиќ соопшти дека се работи на откривање на сите поврзани лица со плантажата со марихуана.
– Управата на полицијата работи на идентификација на сите поврзани лица кои дале придонес во спроведувањето на криминалните активности, преработка и подоцна планирана дистрибуција, соопшти Шќепановиќ на прес-конференција