Во „Дајмонд мол“ бесплатно паркирање – со месеци се наплаќало без дозвола

Од неодамна посетителите на „Дајмонд мол“ бесплатно можат да влезат на паркингот на трговскиот центар, затоа што рампите се повторно кренати откако од почетокот на годината, па до неодамна на посетителите им се наплаќаше за паркирање, иако „Лимак“ немаше дозвола од Град Скопје за таква дејност, пишува Слободен печат.

Дали градските инспектори конечно интервенираа или „Лимак“ самоиницијативно претстана да наплаќа за паркирање во подземните гаражи и реши да почека одобрение од градскиот Совет не е сосема јасно, затоа што од Град Скопје на ова прашање стигна не многу прецизен одговор. Поточно, според нивното објаснување инспекторите веќе излегле на терен, што би значело дека кревањето на рампите е резултат на нивната контрола.

Во врска со давањето дозвола за вршење дејност паркирање за компанијата „Лимак“ ДОО Скопје, Секторот за сообраќај, согласно на своите надлежности доставува Предлог-одлука за давање на дозвола за вршење на дејност паркирање на Друштво за градежништво трговија и услуги Лимак ДОО Скопје, до Советот на Град Скопје на секоја седница, која сѐ уште не е усвоена од страна на Советот на Град Скопје. Согласно истото надлежните градски инспектори имаат извршено инспекциски надзор на терен, и согласно утврдени неправилности се покренува соодветна постапка – велат од Град Скопје.

Советот на Град Скопје неколкупати досега не ѝ даде дозвола на оваа компанија да врши дејност паркирање, пред сѐ, според образложението на некои од советниците, затоа што „Лимак“ самоиницијативно, без дозвола веќе им наплаќа на граѓаните. Цената за еден час паркирање до неодамна изнесуваше 50 денари за час, а подземното паркиралиште располага со повеќе од 1700 паркинг места.

Повеќе

Back to top button
Close