Во две гостиварски општини денеска гласаат 229 граѓани

– Вториот ден од гласањето на вонредните парламентарни избори во Гостиварско се одвива без проблеми. Денеска, 229 лица ќе го искористат правото на глас откако претходно се пријавиле како болни или лица кои се наоѓаат во домашен притвор.

Општинската изборна комисија Гостивар, на 198 лица на кои им ги прифати барањата, денеска им овозможи да го остварат гласачкото право. Гласот ќе го дадат и четири лица кои се наоѓаат во домашен притвор. Доверливиот изборен материјал, Општинската изборна комисија го дистрибуираше до избирачките одбори, откако проценија дека во некои избирачки места нема безбедни услови за нивно чување.

Во списокот на ОИК Гостивар има 79.923 граѓани кои ќе гласаат на 121 избирачко место.

Вчера, според посебни здравствено-заштитни мерки гласаа 26 лица. Претседателот на ОИК Гостивар, Мустафа Муслиу потврди дека се преземени сите мерки за да има безбедно гласање според протоколите за заштита од Ковид-19. Во меѓувреме, на избирачките места е спроведена дезинфекција.

Во Општина Врапчиште од запишаните 25.908 граѓани, денеска правото на глас ќе го оствари 21 лице. На овие лица, ОИК Врапчиште им ги прифати барањата откако доставиле доказ за болест или изнемоштеност. Оттаму потврдуваат дека се очекува изборниот процес утре да почне и да се одвива без проблеми, бидејќи сите услови се обезбедени, особено делот на протоколите за заштита од коронавирус.

И оваа година, граѓаните од подшарпланинските села ќе гласаат на 39 избирачки места. Во врапчшкиот регион вчера гласаа шест лица кои имаа решенија за домашна изолација поради Ковид-19.

Back to top button
Close