Во Газа убиени најмалку 40 луѓе, половина од нив во близина на центарот за дистрибуција на хуманитарна помош

Најмалку 40 луѓе загинале денеска во израелско пукање, а половина од нив во близина на центарот за дистрибуција на помош на Хуманитарната фондација за Газа (GHF), соопшти Министерството за здравство во крајбрежната енклава. Претставници на Обединетите нации го осудија новиот систем за распределба на храна.

Според болничарите, најмалку 20 луѓе биле убиени, а 200 други повредени во близина на центарот за дистрибуција на помош во Рафах.

– Advertisements –

Израел ја предаде одговорноста за поголемиот дел од хуманитарната помош што ја дозволува во Газа на GHF – нова организација поддржана од САД, која управува со три пунктови што се обезбедени од израелската војска.

Обединетите нации го отфрлија овој систем, оценувајќи го како неадекватен, опасен и спротивен на начелата на хуманитарна непристрасност. Израелската армија сè уште нема дадено коментар за извештаите за пукање.

Роднини на загинатите пристигнале во болницата Насер за да ги оплакуваат своите најблиски, додека жени и деца плачеле крај телата завиткани во бели чаршафи.

„Отидовме таму мислејќи дека ќе добиеме помош за да ги нахраниме нашите деца, но се покажа дека тоа била замка, убиство. Му советувам на секого: не одете таму“, изјави Ахмед Фајад, еден од оние кои се обиделе да стигнат до помошта.

„Многу луѓе беа убиени и повредени изминативе денови, вклучително и изгладнети луѓе кои се обидуваа да добијат малку храна од смртоносниот систем на дистрибуција“, напиша Филип Лазарини, директор на Агенцијата на ОН за палестински бегалци (UNRWA), на социјалните мрежи.

Пред новиот систем, хуманитарната помош за 2.3 милиони жители на Газа ја дистрибуираат агенции на ОН, како UNRWA, која вработува илјадници луѓе во Газа и управува со стотици локации низ енклавата. Израел тврди дека морал да ја преземе контролата затоа што борците на Хамас ја пренасочувале храната. Милитантите го негираат тоа и велат дека Израел ја користи гладта како оружје.

Лазарини истакна дека Израел не ги укинал ограничувањата за агенциите на ОН, вклучувајќи ја и UNRWA, и покрај тоа што голема количина помош е подготвена за влез во енклавата. Израелската воена агенција за координација на хуманитарна помош (COGAT) вчера објави дека оваа недела дозволила влез на 292 камиони со помош, вклучувајќи храна и брашно, од ОН и меѓународната заедница.

Таа изјави дека израелската армија и понатаму ќе дозволува влез на хуманитарна помош, но ќе се грижи истата да не стигне до Хамас. Пред денешниот инцидент, Министерството за здравство во Газа, контролирано од Хамас, објави дека најмалку 300 луѓе биле убиени, а над 2600 ранети во близина на центрите за помош откако GHF почнал со работа.

Back to top button
Close