Во Гостивар блиските на болни од ковид и преку прозор влегувале на посета

Тетовчани не се единствените во земјава кои ги посетуваат и се грижат за своите роднини позитивни на ковид во инфективните болнички одделенија, иако тоа е строго забрането. Во многу градови низ земјава тивко се одобруваат такви посети. Екипата на Радио Слободна Европа ја посети гостиварската модуларна болница.

Младиот доктор Гент Билали својата специјализација по хирургија ја ставил во мирување за да може да помогне во справувањето со наплив на пациенти позитивни на ковид-19 во гостиварската болница „ Ферид Мурад“. Тој вели дека заедно со неколку колеги се откажале од секојдневните обврски за да им помогнат на колегите во родниот град да се справат со толку голем број на пациенти кои доаѓаат одденаш. Август беше тежок месец за Гостивар, вели Билали.

-Состојбата пред еден месец во Гостивар, кога доаѓаа печалбарите и ние не можевме да седиме без да се поздравиме или без да се видиме со нив. Се најдовме во една ситуција кога во Република Македонија имаше повеќе луѓе отколку што има секојдневно. Со тоа ни се случуваше да има голем број на пациенти. Честопати беше жалосно да се гледа, кога идеа луѓе кои имаа потреба од болничко лекување, а нашиот болнички капацитет беше полн. Дури беше и преполн да кажам, додававме кревети по соби за да можеме барем уште еден пациент да примиме, вели Билали.

Гостиварци велат дека свадбарската сезона и печалбарите летово го „издигнаа“ градот високо на листата со голем процент на заразено население со ковид-19.

-Повеќето пациенти доаѓаа во состојба кога беше доцна, некои доаѓаа на време, ама се исполнија бројчињата и капацитетите. Не сум имал потежок случај во кариерата, иако немам долга кариера, сепак не сум имал потежок случај од тоа да видиш како некој те моли да му најдеш место за родител, за фамилија, да најдеш слободен кревет, а ти немаш слободен кревет. Да бидам искрен на мојот татко и мајка им реков – не излегувајте од дома, затоа што ако нешто ви случи нема да можам за вас да најдам кревет, вели доктор Билали.

Само во август во Гостивар починале 69 луѓе од последици од ковид-19. Вкупниот број на починати во овој град од почетокот на паднемијата изнесува 353 што е 4,5 проценти од вкупниот број на позитивни случаи со ковид 19. За споредба процентот на смртност во Скопје од позитивни случаи изнесува 2,3 проценти. Жителите на Гостивар кои ги анкетиравме, а кои загубиле член од семејството во битката со коронавирусот велат дека се незадоволни од условите во гостиварската болница и сметат дека во неа нема доволно медицински кадар.

Докторот Билали признава дека иако посетите и задржувањето подолго со ковид пациенти во болницата не се дозволени, роднините не секогаш го почитуваат тоа правило. Но. додава дека таквите злоупотреби не биле чести . Тој објаснува дека медицинските работници не можат да бидат и обезбедување на болницата.

-Значи роднини да се грижат за пациент по неколку часа немало, дури ни редовни посети немало, ви велам се случувало на пример некогаш кога е при крај, гледаат некои пациенти од емоции, им се случува да влегуваат преку прозор. И нормално нема ни да го забраниш, кога некој човек губи близок човек од семејството, нема резон јас или сестрата да се бави со тоа да не му дозволи да влезе внатре кога нас ни е приоритет да дадеме се од нас да спасиме колку што можеме, вели Билали.

Министерот Венко Филипче на прес конференцијата еден ден по трагичниот настан во Тетово беше дециден дека посети во инфективни одделенија каде што се лечат пациенти со заразни болести се строго забранети.

Целиот текст на Радио Слободна Европа.

Back to top button
Close