Во Гвинеја почна вакцинација против ебола

Гвинеја денеска почна со вакцинација против ебола, соопшти Светската здравствена организација (СЗО), во време кога властите на оваа африканска земја се борат да го запрат ширењето на заразата, по најтешката светска епидемија што избувна меѓу 2013 и 2016 година.

Вакцинацијата почна во селото Гуеке, каде на 14 февруари беа регистрирани првите случаи, а први вакцина примиле здравствени работници, наведува СЗО.

– За време на вакцинацијата, се користи „стратегија за прстен“, во која веднаш се вакцинираат сите што биле во контакт со потврдени случаи на ебола, како и медицински лица кои се на првите редови во борбата против овој вирус, соопшти СЗО.

Во Гвинеја досега се потврдени четири случаи и уште четири веројатни, а пет лица починаа.

За време на претходната епидемија меѓу 2013 и 2016 година, во Гвинеја, Либерија и Сиера Леоне од ебола починаа 11.300 лица

Back to top button
Close