Во Индија уапсени 81 лице поради симпатии кон Пакистан
Во индиската североисточна држава Асам уапсени се 81 „противник на нацијата поради симпатии кон Пакистан“.
– Нашите служби постојано ги следат антинационалните објави на социјалните мрежи и преземаат мерки, изјави локалниот претставник Химанта Бисва Сарма, член на владејачката хиндунационалистичка партија во Индија.
Едно лице е приведено откако на Инстаграм објавил пакистанско знаме.
Социјалните мрежи во Индија се под надзор од нападот што се случи на 22 април во Кашмир, при што загинаа 26 туристи. Индија за нападот го обвини Пакистан.
По нападот врз туристите во индискиот дел на Кашмир, Индија и Пакистан водеа четиридневна војна, што заврши со прекин на огнот на 10 мај.
Индиската полиција досега има уапсени и 10 луѓе под обвинение за шпионажа во корист на Пакистан.