Во Иран приведена жена која се шетала по долна облека

Иранската полиција приведе жена која шетала по долна облека во градот Јазад. Жената била кратко задржана, а се товари за „нарушување на општествените норми“.
Како што јави Иранската новинска агенција (ИРНА), жената која има „тешка психичка болест“ е ослободена и е заедно со нејзиното семејство.
Во ноември 2024 година студентка прошета по долна облека на Исламскиот универзитет Азад во Техеран во знак на протест поради строгите исламски правила за облекување на жените. Портпаролот на Универзитетот Азад тогаш изјави дека жената страдала од „ментално растројство“ и била пренесена во „психијатриска болница“.
За почитувањето на исламските правила за облекување на Иранките задолжена е полицијата за морал.
Иранската полиција за морал во септември 2022 година ја приведе 22-годишната Махса Амини поради непочитување на строгиот ирански кодекс на облекување односно за неправилно носење на хиџабот при што и се гледала косата. Амини, Иранка со курдско потекло почина три дена по приведувањето во болница.
Нејзината смрт предизвика повеќемесечни протести, кои се претворија во повици за бунт против ајатолахот Хамнеи и теократската влада. Протестите се одржуваа под мотото „Жена, живот, слобода“. Во задушувањето на протестите загинаа над 500 луѓе, а повеќе од 22.000 беа приведени.






