Во Камбоџа повеќе од 500.000 раселени поради конфликтот со Тајланд

Повеќе од 500.000 луѓе се раселени на камбоџанската страна во текот на последните две недели поради граничниот конфликт меѓу Камбоџа и Тајланд, соопшти денеска Министерството за внатрешни работи на Камбоџа.
– Повеќе од половина милион Камбоџанци, вклучувајќи жени и деца, се соочуваат со сериозни тешкотии поради присилното напуштање на своите домови и училишта за да го избегнат артилерискиот оган, ракетните напади и воздушните напади извршени од тајландските борбени авиони F-16, се наведува во соопштението, во кое вкупниот број на евакуирани се проценува на 518.611, пренесува „Фигаро“.
Во Тајланд, според податоците од Бангкок, поради обновувањето на граничните судири раселени се околу 400.000 луѓе.
Од повторното избувнување на борбите на 12 декември, во судирите загинаа најмалку 41 лице – 22 на тајландската и 19 на камбоџанската страна, според официјалните податоци од двете земји.
Двете кралства од Југоисточна Азија веќе долго време се спорат околу делови од територијата долж заедничката граница, која е повлечена уште во времето на колонијалниот период.
Во јули, во претходниот бран насилство, во рок од пет дена загинаа 43 лица. Кон крајот на октомври, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека конфликтот е решен откако претседаваше со потпишувањето на договорот за прекин на огнот, но Тајланд набрзо потоа го суспендираше тој договор.






