Во Кавадарци отворена изложба посветена на различностите

Во рамки на Кавадаречката културна есен, вечерва во галеријата при Домот на култура „Иван Мазов – Климе“ беше отворена мултимедијална изложба посветена на различностите.

Во своето обраќање пред присутните, ликовниот уметник Владимир Темков рече дека станува збор за една интересна изложба. Носител на иницијативата и автор на проектот е Ангела Витановска.

-Пандемијата која ја предизвика коронавирусот заедно со сите останати проблеми, административни, психолошки, медицински и од ментален карактер, кои сите ние ги доживуваме, два, пет, можеби сто пати повеќе се зголемени и изразени за трансродовите лица, за кои всушност и е организирана оваа изложба, нагласи Витановска.

Според авторката, „сите луѓе се еднакви, само некои се поеднакви од другите”.

-Да се надеваме дека во иднина со секој нов ден, ќе успееме сплотено да изградиме потолерантно и многу подобро општество, децидна беше Витановска.

Изложбата е овозможена преку проектот за ЛГБТИ Инклузија 2.0, финансиски поддржан од ИЛГА-Европа, а имплементиран од страна на ЛГБТИ Центарот за поддршка,  во партнерство со Коалиција Маргини.

Back to top button
Close