Во кој правец оди Македонија
Почитувани читатели, вообичаено денешнава колумна е посветена на Еуростандард банка и ќе си дозволам да споделам со вас мои впечатоци и заклучоци за тоа во кој правец се движи Македонија.
Од осамостојувањето во 1991 година, Македонија се одлучи да имплементира демократски принципи во развојот на државата и едноумието од бившата СФРЈ, каде постоеше само една политичка партија, го замени со плурализам-политички партии кои се борат за власт.
Изминуваат 33 години од прифатениот плурализам во Македонија чиј политички систем требаше да овозможи побрз, поефикасен и динамичен економски , општествен и културолошки развој.
Евидентно е, дека резултатите од 33 годишниот плурализам имплементиран во нашата реалност, не може да се споредат со резултатите од така нареченото едноумие.
Не живеам во минатото, живем денес и размислувам за иднината, ама фактите сами по себе говорат дека Македонија во 1945 година, од комплетно неразвиена република во сите сфери на нашето живеење, земјоделие, сточарство и индустрија, за само 45 години направи економски и општествен бум.
Уште многу посилно е чуството дека во бившата СФРЈ криминалот и корупцијата ако постоеле, биле занимарливи до степен на непрепознатливост за обичниот граѓанин.
Повеќепартискиот систем, имплементиран во Уставот на Република Македонија ги покажа своите негативни резултати во сите полиња на нашето секојдневие, па од забавен до економски и општествен раст, забележуваме деградирање на човекот и човечките вредности. Ги заборавивме доблестите кои го красат човекот и се претворивме во sверови кои денес живеат на планетата Земја во човечки облик.
Материјалниот интерес станува приоритет во човековото битисување, неводејќи сметка на каков начин се остварува.
Анализирајќи го секојдневието, доаѓам до заклучок дека нашите предци биле многу повеќе наоружани со длабоки човечки атрибути.
Губењето на човечките доблести е нус производ кој се појави во така-наречениот плурализам, имплементиран во Македонија.
Партиите на власт и опозиција имаат само една цел, а тоа е да бидат носители и корисници на буџетот на Република Македонија кој го полниме ние, граѓаните.
Деновиве се случија ужасни нешта, грозоморното убиство на малата Вања кое ја потресе целата јавност во државата, која сите нѐ потресе до коска. Од друга страна, политиката си ја тера битката чиј партиски член треба да влезе во Државната изборна комисија (ДИК).
Одредени политички субјекти уценуваат дека ќе ги бојкотираат изборите доколку не влезе нивен член во ДИК.
Гледајќи од оваа дистанца заклучувам дека во времето на бившата СФРЈ не паметам ниту еден случај на киднапирање со уцена и убиство, а по прашање на политичкиот живот тврдам дека ние сме квази-демократска држава во која граѓаните во државата се обичен гарнир кој треба да ги засити потребите на политичките партии и нивните лидери.
Материјалната страна на секој поединец во политичките партии е приоритет. Денешните партии го изгубија чувството за градење модерна држава, водејќи се од личните интереси.
Почитувани читатели, веќе трета година пишувам во своите колумни за убиството на Еуростандард банка од страна на Народна банка. Не само што пишувам, туку и фактографски докажувам дека Народна банка прескокнува да користи инструменти кои што ѝ стоеле на располагање за стабилизација на банката и згора на тоа одбива да го прими потенцијалниот ко-инвеститор на разговор и договор.
Институциите Техничка Влада на Република Македонија, Собранието на Република Македонија, заедно со Комисијата за финансирање и буџет и Основното јавно обвинителство се логистички подржувачи на овој грозоморен чин.
Ако Еуростандард банка отиде во стечај кога Владата е предводена од СДСМ и ДУИ, тогаш не можам да го разберам поривот да молчат за овој злостор партиите од опозицискиот блок ВМРО-ДПМНЕ, Левица, Беса и Алтернатива за Албанците?
Декларативно сите партии од власта и опозиција обзнануваат отворена борба против криминалот и корупција, а дефакто не прават ниту еден исчекор вистински да се зафатат во костец со овој предизвик.
Не инсистирам дека мојот случај треба да биде предмет за отпочнување на вистинска борба против ова општествено зло. Вакви случаи како мојот во Македонија ги има на илјадници, впрочем тоа е причината што летаргичноста на граѓаните во Република Македонија за предстојните парламентарни и претседателски избори е на многу високо ниво.
Довербата во партиите е падната на најниско ниво меѓу нас граѓаните.
Ги повикувам сите политички субјекти да отпочнат борба против организираниот криминал и корупција, ама не на зборови, туку со дела, а јас во дадениов случај нудам факти, несоборливи факти.
Трифун Костовски