Во Копенхаген и други дански градови се одржаа протести за поддршка на Гренланд

Во главниот град на Данска, Копенхаген, денеска се одржа протест каде имаше илјадници луѓе против плановите на американскиот претседател Доналд Трамп да ја преземе контролата врз Гренланд, што е данска автономна територија.
Демонстрантите, кои се собраа на градскиот плоштад во Копенхаген пред да се упатат кон амбасадата на САД, скандираа „Гренланд не е на продажба“, некои држеа транспаренти со слогани како „Рацете подалеку од Гренланд“ и црвено-белото знаме на Гренланд. На Гренланд живеат околу 57.000 луѓе.
„Демонстрираме против американските изјави и амбиции за анексија на Гренланд. Бараме почитување на правото на самоопределување на Данска и Гренланд. Се надеваме дека можеме да покажеме дека има многумина од нас кои го поддржуваат Гренланд“, објави Здружението на Инуити.
За попладнево се закажаи протести и во Нук, главниот град на Гренланд.
Специјалниот пратеник на Трамп за Гренланд, Џеф Ландри, изјави вчера дека „треба да се постигне“ и „ќе се постигне“ договор за „преземање“ на големиот арктички остров од страна на САД и дека Трамп „сериозно размислува“ за автономната територија што е дел од Данска.






