Во Косово нови осуммина починати и 249 заболени од Ковид-19, мали олеснувања на мерките

 

Бројката на жртви на пандемијата на Ковид-19 во Косово се зголеми на вкупно 1.298 од појавата на болеста, откако минатото деноноќие починаа осум од лицата заразени од коронавирусот, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во денешното соопштение на Националниот институт за јавно здравство на Косово се наведува дека, од вчера извршените 1.048 тестови со методот РТ-ПЦР (177.387 вкупно досега), позитивни на коронавирусот резултирале 249 лица.

Вклучително новозаболените, бројот на лица кај кои е откриен вирусот од почетокот на епидемијата надмина 50 илјади, односно достигна до 50.135. Од нив болеста досега ја совладале 38.656 лица, а во текот на вчерашниот ден како излекувани се евидентирани 342 пациента.

Согласно официјалните статистики на косовските здравствени власти, во земјата во моментот има 11.180 активни носители на коронавирусот.

Косовската Влада на својата последна седница, на 22 декември, донесе одлука за мало олеснување на мерките за спречување на ширењето на заразата.

Меѓу другото, на угостителските и трговските фирми им се продолжува за еден час работното време, односно наместо до 19, во наредните денови ќе можат да работат до 20 часот.

За државјаните од земјите со висок ризик, според списокот на Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДПЦ), за влез во земјата се бара ПЦР-тест не постар од 72 часа, а доколку не го поседуваат самоизолација во случај на престој во земјата, или напуштање на државата во рок од три часа од влегувањето во неа преку приштинскиот аеродром или некој од земните гранични премини.

Новите мерки за задолжителен анти-ковид тест, самоизолација и напуштање на државата во рок од три часа од влезот во неа не се однесуваат на државјаните на Северна Македонија и на другите држави со кои Косово се граничи.

Back to top button
Close