Во Косово уапсен Дритон Ибиши – член на групата „Грчец“ кој се бараше со меѓународна потерница

Во Косово е уапсен еден од членовите на групата „Грчец“ Дритон Ибиши, кој се бараше со меѓународна потерница за неовластено производство и трговија со дрога.

-Од страна на косовските служби сме известени дека е лишен од слобода Дритон Ибиши, кој е предмет на меѓународна потерница. Се преземаат мерки и активности со цел негова екстрадиција во Република Северна Македонија – велат од МВР.

Како што објавија дел од косовските медиуми, а пренесоа медиумите на албански јазик во земјава, на Ибиши веќе му се ставени лисици и за ова е известен тамошниот надлежен обвинител. Во полицискиот извештај се наведува дека Ибиши бил фатен на автопатот Приштина-Феризај околу 17:30 часот по локално време.

-Ибиши Дритон татко Џемаиљ мајка Шинѓиле род.03.04.1973 год. во Скопје каде и живее на ул„.Смилевска“ бр.10/А, Ѓорче Петров. Се бара по распишана меѓународна потерница од ОЈО за ГОКК-Скопје со Наредба КО БР.15/24 од 30.01.2024 год .Лицето е под истрага за сторено кривично дело по чл. 215 ст.3 од КЗ на РСМ – стои на меѓународната потерница.

Во јануари минатата година уште кога на чело на МВР беше Оливер Спасовски беше отворена истрага и беа уапсени дел од припадниците на групата „Грчец“ вмешана во трговија со дрога и убиства, но поголемиот дел од припадниците на групата избегаа.

Меѓу нив беше и водачот Шеваљ Муареми кој неофицијално е во Дубаи. Групата е осомничена дека транспортирала 435 килограми кокаин од Бразил до белгиското пристаниште Антверпен, како и 106 килограми кокаин од Перу до холандското пристаниште Ротердам. Групата шверцувала дрога од Белгија во Македонија и од Албанија во Македонија.

Back to top button
Close