Во ковид-центарот во Штип за два дена починаа шестмина заболени од Ковид-19

Делта сојот коси во источниот регион, за само два дена во штипскиот Ковид центар битката ја загубија шестмина пациенти над шеесет години. Во денешениот здравствен билтен се двајца  на 63 и 66 години од пробиштипско и 78 годишен пациент од Кочани. Инфектолозите пред седум дена алармираа дека им пристигнуваат пациенти во тешка здравствена состојба, ниска сатурација,  кои не се имунизирани и веднаш се ставаат на постојана кислородна поддршка. Директорот на Клиничка болница, Ален Ѓеорѓијев вели дека засега со притисокот на пациенти можат да се справат, но доколку наредните денови се исполнат болничките кревети на Инфективно ќе мора да преминат на планот Б.

На инфективното одделение во изминатите десет дена зголемена е потрошувачката на течниот кислород. Дневно на ова одделение се троши и над еден тон. На инфективно се лекуваат 53, а 45 од нив се на кислород, секојдневно имаат прием на пациенти, а полесните случаи амбулантски се лекуваат, за само неколку дена во 11 општини во Брегалничкиот регион бројот активни случаи достигна над 900.

Back to top button
Close