Во КОВИД-одделите во Скопје 480 пациенти, 38 се примени во изминатото деноноќие
Во КОВИД-центрите во Скопје во изминатите 24 часа се хоспитализрани 38 пациенти поради компликации од коронавирусот и вкупно 480 лица сомнителни и потврдени се лекуваат на инфективните оддели во главниот град.
Како што соопшти Министерството за здравство, во последното деноноќие на интерните клиники имало 22 приема – тројца пациенти биле примени на Институтот за белодробни заболувања и ТБЦ, еден во КОВИД-центарот на Клиниката за неврологија, шестмина болни се хоспитализрани на Клиниката за дерматовенерологија, двајца пациенти на Клиниката за нефрологија, седум во новиот центар на Клиниката за уво, нос и грло и тројца болни на Клиниката за очни болести.
Во КОВИД-центарот во ГОБ „8 Септември“ во изминатите 24 часа имало 11 нови приеми на пациенти, а на Инфективната клиника се примени пет болни во текот на вчерашниот ден.
Министерството за здравство информира и дека во изминатите 24 часа дома се пуштени 16 оздравени пациенти.
Во моментов во КОВИД-центарот на Клиниката за кожни болести се лекуваат 24 пациенти, на Клиниката за неврологија 35, на Институтот за ТБЦ 44 пациенти со симптоми на коронавирусот, на Клиниката за гастроентерохепатологија се лекуваат 26 лица, во КОВИД-центарот на Клиниката за нефрологија се сместени 24 пациенти, на Клиниката за очни болести 14 и во КОВИД- центарот на Клиниката за уво, нос и грло има 19 пациенти.
Во ГОБ „8 Септември“ има вкупно 106 болни, на Клиниката за инфективни болести лежат 153 пациенти, додека во Институтот за белодробни заболувања кај деца – Козле има 35 пациенти, од кои девет деца и 24 возрасни.
– Вкупно 480 пациенти потврдени и сомнителни за КОВИД- 19 се лекуваат на инфективните оддели во болниците во главниот град. Голем дел од нив се на кислородна поддршка. И покрај големиот број приеми во текот на вчерашниот ден, утрово до 8 часот имало 40-ина слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места и на Клиниката за инфективни болести и во ГОБ „8 Септември“, соопшти Министерството за здравство, додавајќи дека на сите инфективни одделенија има довод на кислород и може да бидат згрижени пациенти на кои им е потребно кислородна поддршка.