Во Кривичен прододолжува судењето за убиството на Вања и Панче
Судењето за убиството на Вања и Панче продолжува денеска во Основниот Кривичен суд Скопје со почеток во 10 часот. На изминатото рочиште заврши сведочењето на обвинетиот Љупчо Палевски кој негираше насилни кривични дела и изјави дека мотивот за убиство е нелогичен и недокажан. На денешното рочиште се очекува да заврши доказната постапка и да се почне со дополнение.
По неговото сведочење, судијата Ивица Стефановски се изјасни по повеќе барања на обвинетиот Палевски кои биле доставени во текот на постапката. Судот информираше дека прифаќа да се прибави видеозапис од експозитурата на Халк Банка за ден 27.11.2023 година од 9 до 12 часот. Не се прифати барањето да се повикаат како сведоци двата вештаци кои ја вештачеле чаурата, затоа што барањето не било доставено на време, согласно Законот за кривична постапка. Беше прифатено да се изведе како доказ чаурата пронајдена на местото каде што е убиен Панче Жежовски.
Во текот на распитот, Палевски изрази уверување дека целиот процес е политички прогон против него. Во однос на мотивот за убиството, Палевски ги негираше сите обвинувања, посочувајќи дека не постојат докази кои ги поткрепуваат тврдењата на обвинителството.
Неговиот бранител, адвокатот Јовица Страшевски и бранителот на обвинетиот Боре Видевски, Бојан Манев, во изјава за медиуми тогаш истакнаа дека како дел од дополнението на доказната постапка ќе бараат и реконструкција на настаните, поради тоа што, како што посочија, многу работи во досегашниот процес останале неразјаснети.
Претходно, покрај Палевски и повеќе сведоци на Обвинителството, беше сослушан таткото Александар Ѓорчевски, како и останатите обвинети. Обвинетиот Велибор Манев ги образложи грабнувањата и убиствата на Вања и Панче, посочувајќи дека главен организатор бил Љупчо Палевски. Боре Видевски го негираше своето учество во настаните, додека Влатко Кешишев посочи дека тој не сведочел на истите, бидејќи најчесто му била давана задача да чува стража.
Во обвинението стои дека Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Александар Ѓорчевски, заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде пари за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, според обвинението, било со намера да го присилат да им го даде неговото возило „ситроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.
Малолетната Вања и велешанецот Панче беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, а на 3 декември 2023 година беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес