Во Крушево се дезинфицира пред отворањето на сместувачките капацитети

Во пресрет на отворањето на сместувачките капацитети денеска во Крушево се врши дезинфекција во институциите. Се дезинфицира во банките, во поштата, судот, во полицијата, во Управата за јавни приходи и кај другите субјекти на територијата на градот.

Крушевскиот градоначалник Томе Христоски порача дека се преземаат сите мерки за да се спречи ширењето на коронавирусот.

– Ги преземаме сите мерки и токму дезинфекцијата е дел од тој процес. Обезбедуваме безбедна средина за граѓаните и за туристите во пресрет на отворањето на сместувачките капацитети. Ја следиме ситуацијата на теренот и гарантирам дека Крушево ова лето ќе биде едно од најбезбедните места и за граѓаните и за туристите, вели Христоски.

Како што информираат од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, протоколите за работа на сместувачките капацитети во земјава се подготвени и ќе почне да се применуваат од 22 јуни.

Во Крушево во тек е завршниот процес на категоризацијата на сместувачките капацитети и обновата на решенијата и до крајот на месецов угостителите треба да се пријават на платформата на Министерството за економија за да ги користат ваучерите од пакетот „Дома си е дома“. Од ова Крушево очекува многу за заживување и спас на туристичката сезона зашто годинава не може да смета на околу 2000 странски гости и параглајдеристи.

Крушево располага со околу 1000 легла, два хотела одморалиште како и со 80-ина во манастирскиот комплекси. Околу 70 насто, се легла во приватна сопственост.

Back to top button
Close