Во Крушево се одржа првиот маратон во пливање „Тоше Проески“

Со преку 40 учесници од 9 до 55 години, со примена на заштитни мерки, денеска во Крушево на Крушевското езеро се одржа првиот пливачки маратон, насловен „Тоше Проески“ кој треба да премине во традиција. Се пливаа два и пол километри, а  организатор е пливачкиот клуб „Вардар 2018“ од Скопје и ова е првата маратонска трка од петте во август според националната пливачка федерација.

Учесниците задоволни од организацијата и текот на натпреварот.

Според Филип Дерковски од пливачкиот клуб „Орион“ кој е и победник на маратонот што го исплива за 43 минути,  искуството е многу битно, а атмосферата е одлична

– Имам 19 години и имам искуство во пливачките маратони. Овде, на Крушевското езеро атмосферата е одлична, пливањето е нов тренинг за зацврстување.Задоволство ми е што бев помеѓу најдобрите, рече Дерковски.

Јана Констандиновска од пливачкиот клуб „непун“ е победник во женската конкуренција.

– За пливањето маратони најбитни се тренинзите, физичката, но и психичката подготвеност, рече Констандиновска.

Докторот Бошко Илиев од кавадарци има 55 години и големо искуство на натпревари во државава и на Балканот.

– Атмосферата е одлична, ова е атрактивна манифестација и се надевам дека сум во чекор со помладите, ни изјави Илиев.

Според организаторот Митко Јордановски, тренер од пливачкиот клуб „Вардар 2018“ се запазени сите мерки за заштита и очекув а ова да стане традиција.

– На пливачите им меревме температура, на сите им нагласивме да држат физичка дистанца и да бидат со заштитни маски. Ова е трка во календарот на маратонските пливачки треки во август на купот во државава. целта е да направиме Крушево да биде уште повеќе атрактивно и да го промовираме маратонското пливачко искуство, рече Јордановски.

Публиката ја имаше од повеќе градови. Јоргос Вунулакис по потеклоод Крит, грција, а живее во Скопје е воодушевен од манифестацијата.

– Ова е прекрасна атракција во Крушево. Очекувам и организаторот и сите други да се на висината на обврската. Уште една причина да се биде во Крушево, рече Вунулакис.

Крушевскиот градоначалник Томе Христоски е горд на новата манифестација која е во текот на научно-културните средби „10 дена Крушевска република“ со сите мерки и тенденција за нова туристичка атрактивност во Крушево.

– Во моментов имаме исполнетост на сместувачките капацитети од 60 до 70 насто. Тоа се домашните туристи зашто пандемијата стана наша нова реалност. Оваа манифестација е збогатување на понувдата на Крушево, а во иднина ќе додадеме и натпревари во кајакарство и во риболов, рече Христоски.

Крушево смета дека со нови содржини го привлекува вниманието на посетителите.

Back to top button
Close