Во Либан распишана потерница по поранешен министер поради експлозијата во пристаништето во Бејрут

Судија задолжен за истрага на минатогодишната катастрофална експлозија во пристаништето во Бејрут, издаде потерница за поранешен министер, кој одби да се појави на сослушување, соопштија судски извори.

Налогот бил издаден денеска, еден ден по апелот на 145 локални и меѓународни невладини организации, преживеани и роднини на загинатите во експлозијата до Обединетите нации, кои бараат меѓународна истрага, бидејќи локалната оди бавно поради силен политички притисок.

Потерница е распишана против поранешниот министер за транспорт и јавни работи Јусеф Фенианос.

Во експлозијата што се случи на 4 август 2020 година, загинаа 214 луѓе, а повеќе од 6.500 беа ранети, а беа уништени цели делови на главниот град.

Како што соопштија либанските власти, големи количини на амониум нитрат кои стојат во пристаништето од 2013 година не се правилно складирани. Тие отфрлија меѓународна истрага веднаш по експлозијата.

Четворица поранешни министри, меѓу кои и Фенианос, се осомничени за потенцијално убиство со умисла, негрижа и злоупотреба. Фенианос беше министер од 2016 до 2020 година.

Во јули, судијата Тарик Битар побара Парламентот да им го укине имунитетот на тројца поранешни министри, како и на нивните заменици, но тоа беше одбиено.

Локалната истрага е под зголемен притисок од владејачките партии, кои се обвинети за корупција.

Back to top button
Close