Во Македонија 40 години не е отворен нов рудник

Србија пак, станува клучен играч на меѓународниот пазар на метали и минерали.

Еден од најреномираните светски медиуми, специјализирани за рударскиот сектор miningsee.eu, прогнозира дека соседна Србија ќе биде витален мост во глобалното тргување со метали и минерали. Според сајтот, геостратешката поставеност на земјата во комбинација со нејзините богати минерални ресурси и стратешки иницијативи, ја позиционира Србија како клучен играч на меѓународниот пазар на метали и минерали.

„Србија е богато наоѓалиште на различни метали, вклучувајќи бакар, литиум и други ретки метали, со што таа е значаен играч во рударскиот сектор. Овие ресурси привлекуваат странски инвестиции и го поттикнуваат домашното производство, придонесувајќи за глобалниот синџир на снабдување со основните минерали. За да ги искористи своите географски предности, Србија инвестира во својата инфраструктура. Ова вклучува развој на рударските капацитети, подобрување на транспортните мрежи, како железницата и патиштата“, пишува во анализата.

Во неа се додава дека Србија негува поволна деловна клима за привлекување инвестиции во рударството.

„Тие ги стимулираат инвестициите на рударските и трговските компании, ги рационализираат регулаторните процедури и усвојуваат политики погодни за меѓународната трговија. Ваквите мерки се составен дел од воспоставувањето на Србија како сигурен атрактивен трговски центар“, се истакнува во анализата.

Неодамна во колумна рударскиот инженер Филип Петровски, кој воедно е и директор на рудникот Грот во Србија, потенцира дека рударството е клучен партнер во изградбата на долгорочна социјална и физичка инфраструктура што создава позитивна придобивка за локалните и регионалните економии. Тој во колумната ги наведе позитивните примери од Србија.

„Во 2018 борските рудници (сите за бакар и злато) во Република Србија ги купува кинеската компанија Зиѓин (ZIJIN), и вложи околу 3 милјарди долари во ревитализацијата на постоечките и отварање на нови рудници. Од тогаш до сега во Бор, Мајданпек и останатите околни градови се случува економски препород. Имено од регион во кој просечната плата беше една од најниските во Република Србија денеска е на второ место веднаш белградскиот регион. Иселувањето овде е заборавен поим и напротив има доселување на работници од цела Србија. Во заштитата на животната средина вложувањата се повисоки од вкупните вложувања кои биле педесетина години назад. Моментално се изготвува план за инвестиција од нови 3,8 милијарди долари во отворање на подлабоките зони на рудниците“, пишува Петровски.

Тој посочи дека има повеќе слични примери во регионот. Во Босна и Херцеговина започнува со работа рудникот Вареш на фирмата Адриатик Металс (Adriatic Metals) и се очекува во растот на БДП на државата да учествува со 2%. Голема инвестиција во рударството наскоро ќе отпочне со работа и во Грција. Канадската компанија Елдорадо Голд Корпорејшн отпочна со изградба на рудникот Скурис.

„Со над три милијарди американски долари, целосниот развој на рудниците Касандра, кои ги вклучуваат Скурис, рудникот Олимпија, пристанишниот објект Стратони и фабриката за управување со јаловина Кокинолакас, претставува една од најголемите странски директни инвестиции во земјата и ќе ѝ овозможи на Грција да стане една од водечките земји за производство на злато во Европа“, нагласи Петровски.

Сите овие инвестиции во рударството во регионот го помагаат исполнувањето на целите од зелената агенда на Европската Унија до 2050 година. Брисел ги олеснува процедурите за нови рудници за ископ на бакар, литиум и други минерали, без кои не би можеле да се создадат електрични автомобили и ветерници што ќе произведат зелена енергија.

– Европа нема доволен производствен капацитет и време да ги спроведе целите. На новите рударски проекти им требаат многу години за да се реализираат, во просек на глобално ниво се потребни 17 години за да се направи рудник, од истражувањето до производството. Треба да почнеме да работиме уште веднаш на развој на рударските проекти. Во спротивно одредени сценарија посакувани од ЕУ ќе бидат ограничени поради нашите капацитети за екстракција на минерали – изјави за Еурактив Кристоф Поинсонт, кој е генерален директор на француското Биро за рударство и геолошки истражувања.

Додека регионот и Европа се подготвуваат за остварување на зелената агенда во Македонија нов рудник се нема отворено изминатите 40 години, а со низа пречки се соочуваат сите најави за инвестиции во рударството. Експертите повеќе пати ги повикаа властите да изготват национална стратегија за рударската индустрија. Компаниите кои сакаат да инвестираат посочуваат дека најголем проблем претставува правната несигурност, која пак е предизвикана поради притисоци од дел од јавноста. Изминатиов период нереализирани останаа најавите за рудник за бакар на Кожуф на канадската фирма „Резервоар минералс“, потоа рудникот за бакар во Казандол на англиско-украинскиот конзорциум Сардич, а сега се очекува да се дознае дали мразот ќе го скрши инвестицијата за рудник за бакар во Иловица на канадската компанија Трафигура.

Back to top button
Close