Во Македонија досега се легализирани речиси 300 000 дивоградби

Неодамнешните разорни земјотреси во Турција и Сирија укажуваат дека евентуалните идни легализации задолжително треба да се прават со архитектонски проект и контрола на статиката

Во државата досега се легализирани 296 810 нелегално изградени објекти, а за нив се издадени решенија со документација која опфаќала барање до општината, изработка на геодетски елаборат и потврда од платени комунални сметки. Во Собранието веќе подолго време во процедура е влезен нов закон за легализација, а од Здружението за градежништво при Стопанската комора на Северна Македонија за МИА велат дека не треба нов закон, но доколку се носи не смее да се дозволи тоа да се прави само со геодетски елаборат, туку со архитектонски проект и контрола на статичките елементи за да може да се гарантира дека тие објекти се безбедни за живеење

„Таму имаше едно недоразбирање со струката кога се донесе законот, немаше никаков проект, само со геодетски елаборат. Како струка бевме исклучени од тој процес, а прво наше барање беше да има архитектонски проект, да има контрола на статичките елементи за да може да се гарантира дека тие објекти се безбедни за живеење. Тоа не го направија и се овозможи само геодетски елаборат и тука бевме исклучени. Сега инсистираме ако некој смета дека треба да се донесе, а според нас не треба, да биде поука ова што се случи во Турција и во Сирија и да се направат архитектонски проекти и стручна контрола и проверка на конструктивниот систем“ изјавија за МИА од Здружението за градежништво.
Среќната околност, како што велат, е дека во најголем дел досега се легализирани индивидуални објекти и има малку станбени згради со доградби и надградби, но сепак сè е оставено на свеста и совеста на сопствениците и на изведувачите.

„Евентуалниот нов закон е некоректен кон оние што ги следеле процедурите и плаќале. Се работи за стабилноста и сигурноста и на објектите и на станарите во тие објекти. Ако се преземе нешто и се носи тој закон, мора да има архитектонски проект“ вели членот на Здружението, Никола Велковски.
И директорот на Институтот за земјотресно инженерство Влатко Шешов во интервју за МИА потенцираше дека кога станува збор за сигурноста на објектите, слаба алка се дивоградбите, доградбите и уривањето на внатрешни ѕидови во становите.

„Тоа се некои, да кажам, од клучните сегменти каде што мораме и треба повеќе да работиме за да можеме да зборуваме за една генерална слика на сигурни згради. За овие нелегални градби, да ги кажам – дивоградби, повторно ќе се оградам – може се добри, може не се добри, меѓутоа не постои доказ за нивната сигурност. Информациите се многу оскудни, значи само со геодетски елаборат, со изјава од сопственикот и со сметки од комунално и од струја, се легализираат и се ставаат во фондот на објекти – вели Шешов.
Во Агенцијата за катастар на недвижности, како што информираа за МИА, досега се впишани имоти на 296 810 објекти кои добиле решение за легализација од општините.

Легализацијата на дивоградби во државава првпат се овозможи со Законот за третман на бесправно изградени објекти од 2011 година. Законот и рокот за поднесување барања за легализација во неколку наврати претрпе измени, а со последната во 2021 година се овозможи негова примена уште пет години за да се постапува по предметите за околу 140 000 барања, што од најразлични причини останаа заглавени. Истовремено со тие измени, на предлог на Министерството за транспорт и врски, во Собранието беше доставен нов закон за легализација, а со кој би се опфатиле дивоградби изградени до јануари 2021 година, но со плаќање казнени пенали. Според првичните проценки, со него би се опфатиле над 50 000 барања, но конечниот број ќе се знае ако евентуално биде изгласан и се отвори можност за поднесување барања.

Back to top button
Close