Во Македонија регистрирани 188 болни и двајца починати од грип
Здравствените власти во Европа се подготвуваат за нова сезона на грип, која според експертите би можела да биде потешка од вообичаеното. Причини за загриженост се ниските стапки на вакцинација и зголемениот број случаи во други делови на светот, како Јапонија и Австралија.

Податоците на Европскиот центар за превенција и контрола на болести покажуваат дека бројот на заболени постепено расте, што е типично за овој период од годината.
Во Македонија ид Од почетокот на сезоната регистрирани се вкупно 188 случаи на заболени од грип, што е 77% повеќе од истиот период минатата година и 36% повеќе од просекот на последните 14 сезони. Најмногу заболени има во Гостивар (79 случаи), а највисока инциденца е во Македонски Брод. Во досегашниот тек на сезоната пријавени се и две починати лица поврзани со грип.
Од ИЈЗ препорачуваат дека вакцинацијата против сезонски грип е најсигурниот начин на заштита. Институтот за јавно здравје препорачува вакцинација за сите, особено за ризичните групи: лица над 65 години, деца од 6 месеци до 5 години, хронично болни, бремени жени и здравствени работници.
За заштита, граѓаните се советуваат да ги почитуваат основните мерки: избегнување на гужви и контакт со болни лица, често миење на рацете, редовно проветрување и загревање на просториите, топло облекување и консумирање на храна богата со витамини, особено витамин Ц, доволно сон и физичка активност за јакнење на имунитетот.
Доколку се појават симптоми како температура, кашлица и болки во телото, се препорачува одмор дома, повеќе течности и избегнување контакт со други лица, а во случаи на потешки симптоми – итно да се побара лекарска помош, особено кај постари и хронично болни лица.
Извор: skopje1.mk






