Во март има раст на кредитите и депозитите, зголемени се и негативните салда на сметките на граѓаните
Податоците од Народната банка покажуваат дека вкупните кредити, во март, се зголемени за 1,4 и 13,1 на месечна и на годишна основа

Во март годинава кредитите на домаќинствата бележат месечен и годишен раст од 1,3 и 11,5 отсто, информираат од Народната банка.
Месечната и годишната промена, велат од Народна банка, се должат на зголеменото кредитирање во денари и во странска валута, со поизразен придонес на кредитите во денари.
Податоците покажуваат дека во март граѓаните најмногу се задолжувале со станбени кредити кои имаат месечен раст од 1,5 отсто, а на годишно ниво тоа е 15,9 проценти.Од Народната банка велат дека месечен раст од 1,2 отсто има кај потрошувачките кредити кои на годишно ниво се повисоки за 10,9 проценти.
Зголемен раст има и кај кредитите одобрени на кредитните картички кои во март биле повисоки за 0,4 отсто. Сепак, од Народната банка велат дека ова кредитирање бележи намалување од 3,8 отсто на годишно ниво.
Во март, автомобилските кредити се непроменети на месечна основа, додека во споредба со истиот месец минатата година, тие се зголемени за 4,2 проценти.
„Негативните салда на тековните сметки, во март, остварија месечен и годишен раст од 4,6 и 0,4 отсто, соодветно, додека кредитите одобрени врз други основи се пониски за 1,2 и 12 проценти на месечна и на годишна основа“се вели во извештајот на Народната банка.
Податоците од Народната банка покажуваат дека вкупните кредити, во март, се зголемени за 1,4 и 13,1 на месечна и на годишна основа. Промената кај двете основи велат дека е резултат на повисокото кредитирање на двата сектора, со поголем придонес на кредитите на корпоративниот сектор.
Во март, депозитите на корпоративниот сектор оствариле месечно зголемување од 7,5 отсто, што во најголем дел било резултат на зголемувањето на краткорочните депозити во странска валута и депозитните пари, при дополнителен раст и на долгорочните депозити, додека краткорочните депозити во денари забележале пад.
„На годишна основа, депозитите на корпоративниот сектор бележат раст од 13,7% под влијание на зголемените депозитни пари, краткорочните депозити во странска валута и долгорочните депозити во денари, во услови на остварен пад на краткорочните депозити во денари и долгорочните депозити во странска валута“се додава во извештајот.
Кредитите на корпоративниот сектор, во март, имале месечен раст од 1,5 отсто, во поголем дел поради зголеменото кредитирање во денари.
Овој месец вкупните депозити имаат месечно зголемување од 1,8 отсто, што во услови на пад на депозитите на секторот „домаќинства“, во целост се должи на растот на депозитите на корпоративниот сектор.
Годишниот раст, пак, изнесува 11,3 проценти, што се должи на зголемените депозити на двата сектора, со поизразен придонес на секторот „домаќинства“.
Депозитите на домаќинствата во март се пониски за 0,4 отсто на месечна основа, а промената произлегува од падот на депозитните пари и краткорочните депозити во денари, додека другите компоненти бележат раст.






