Во Москва најголеми снежни врнежи во последните 56 години

Москва вчера ги забележа своите најголеми снежни врнежи во последните 56 години, при што 42 проценти од месечните врнежи паднаа во рок од 24 часа, соопшти рускиот метеоролошки центар Фобос.

Метеорологот Евгениј Тишковец рече дека снежната бура во централна Русија кулминирала со рекордни снежни врнежи што го парализирале копнениот и воздушниот сообраќај.

Тишковец нагласи дека таков „снежен Армагедон“ не се случил во Москва среде зима во последните 56 години.

Според неговите зборови, на главната московска метеоролошка станица ВДНХ, мерачот на врнежи измерил 22 милиметри за 24 часа, или 42 проценти од месечната норма.

„Снежните врнежи се намалија преку ноќ, а до утрото паднаа два милиметри лесен снег“, рече Тишковец, пренесува РИА Новости.

Тој истакна дека со ова е соборен рекордот од 1976 година за 9 јануари, кога во градот беа регистрирани 12,9 милиметри врнежи.

Тој додаде дека вкупната количина е буквално еден милиметар помалку од дневниот рекорд за јануари, кој е на сила од 1970 година, пренесува Танјуг.

Извор: fokus.mk

Back to top button
Close